Јуни. Убав месец. Променлив, некогаш дождлив, некогаш претопол, но секогаш мириса на одмор. Особено за учениците. Тие знаат дека нивниот одмор почнува на 10 јуни. До септември се раат од најголемата агонија во нивните уште не започнати животи-училиштето.
„Децата се нашето најголемо богатство.“ Реченица која е излитена како стар партал од преголема употреба, а со ништо поткрепена, ако го анализираме однесувањето на оние кои ја изрекуваат, возрасните.
Јунските уписи во средните училишта ја извадија на виделина сета наша дволичност и лажна грижа за децата и нивното воспитание и образование.
Како и секој јуни, деветто одделенците поминаа низ најголемата траума во својот живот, наречена упис во средно училиште. Најголемиот дел од нив несвесни за себе, за своите афинитети, за тоа што сакаат и колку можат, им ја препуштаат одлуката за тоа каде ќе го продолжат школувањето на своите родители и се одлучуваат за гимназиско образование, оти во претходните 9 години од школувањето, некој им набил во главата дека така е најдобро. Својата самонесвесност ја продоложуваат за уште четири години. Па после черири години, ќе видиме. И онака во државава има повеќе факултети од ученици, па ќе се заврши и некое факултетче.
А во гимназиите, кркљанац за уписи. Без друг законски критериум за упис, учениците се бодираат според постигнатиот успех во основното образование. А основното скоро сите го завршиле со одличен успех. Една, две четворки низ школувањето треба да ја направат разликата меѓу децата.
И тука почнува агонијата. Се вжештуваат телефоните на родителите, нивните пријатели, пријателите на пријателите, роднините, комшиите, комшиите на професорите, нивните роднини, пријатели, познаниците на професорите, за да се добие информацијата во која гимназија детето има шанса да биде примено. И дали ќе биде примено, иако има успех 5,00 во претходните години од школувањето?
Детето исплашено, се чувствува виновно за четворката што некогаш му била пишана, се чувствува дури виновно и за петките кои е свесно дека му се незаслужено пишани, ама ајде… тоа е помало зло. Се чувствува виновно заради стресот на своите родители. За тоа дека можеби нема да му се исполни желбата на родителот да го запише таму каде што сака. Се чувствува виновно за… и самото не знае за што, ама е сигурно дека за нешто е виновно.
Траумата на децата не е еднократна, предизвикана со уписите, и нема да заврши со завршувањето на уписите. Школувањето за децата е траума создадена од возрасните во континуитет. Од оние кои им се најблиски и од кои би требало да имаат најголема поддршка и во кои треба да имаат најголема доверба, а тоа се родителите и наставниците.
Родителите:
Девет години ги гушат своите деца со барањата да постигнат успех 5,00. Не да учат за да научат да учат, не да учат за да ги откријат своите афинитети и да се ориентираат кон она што ги интересира и го сакаат. Ги гушат да добиваат петки. А кога децата нема да го постигнат тоа, на крајот на секоја учебна година, ја впрегнуваат сета пријателска и познаничка булумента за на децата да „им го поправат“ успехот. Оти, бројката е многу важна за продолжувањето на натамошното школување. Се забораваат оценките во текот на учебната година. Какво знаење, какви бакрачи, какви афинитети, какви глупости. Добиените петки ги задоволуваат апетитите. Ќе требаат за упис во средно.
Наставниците:
Цела година се трудат да ги натераат децата да учат. Некои дури и се трудат да ги мотивираат. Ако со ништо друго, барем со оценките кои треба да се реален приказ на постигнувањата на учениците во одреден момент или период од учебната година. Ама, во јуни, приказната се менува. Оценувањето се претвора во пишување посакувани оценки. Затоа што биле „притиснати“ од пријател, на пријателот пријател и други важни луѓе во животот. А ако никој не ги „притиснал“ , ќе се притиснат самите себе си. Затоа што се „добри луѓе“, па сакаат да им „помогнат“ на децата. Со уписот во средно, де.
Децата на крајот на годината збунети. Едните, затоа што не знаат од каде им искрснале сите тие петки, па си мислат: „Абе, супер сум бил јас, ама не сум знаел“. Другите, затоа што не знаат зошто воопшто толку труд вложувале преку годината, за на крајот да бидат изедначени со првите.
И ете, дојдоа уписите. И почна агонијата. Оти скоро сите деца се одлични. Сите се исти. И сега, што направивме? Кој каде ќе се запише? Не може да се направи разлика меѓу истите.
Ги сотревме децата.
Наместо да ги мотивираме да ги откријат и развиваат своите афинитети, да им помогнеме да се самосознаат, да развијат систем на морални вредности и систем на проценка и самопроценка, критичко и самокритичко мислење, да ги мотивираме да сакаат да учат, ги претвораме во исфрустрирани зомби со просек 5,00.
И процесот продолжува и во наредните четири години. Со истото темпо, истите методи и исти цели. Оти петките им требаат за упис на факултет, де.
Пу, јаз’к. Арам да ни е. Го истрошивме „нашето најголемо богатство“.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.