Categories

НАЦИОНАЛИЗАМ - ПАТРИОТИЗАМ Аргирова: Национализмот ја уништува земјата!

„Мојата колумна на оваа тема ја насловив „Ефектот на погледот“ а инспирација ми беше еден документарен филм за астронаути кои го гледаат како свој дом кој една е мала светлечка сина топка. И всушност она што ми се наметна беше прашањето – колку ли време ќе треба да сфатиме дека национализмот ја уништува земјата? Затоа што тоа е нешто што е погубно, тоа е тоа што го земаат луѓето и го препишуваат три пати на ден. Некаде на лажиче, некаде на поголеми дози. Тоа е тоа што одржува одредени влади на власт. Тоа е тоа што одржува одредени верувања на сила. Тоа е тоа што во крајна смисла кочи многу поголем прогрес и многу подобри идеи што на сите би ни го направиле животот поубав“, истакна новинарката Санта Аргирова на денешната панел дискусија „Патриотизам – да! Национализам – не!“ кој го организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода.

„На пример, за Брегзит на гласање не излегоа 12 – 13 милиони и кога се направија анализи испадна дека тоа се всушност младите луѓе кои потоа се каеја што ја испуштиле шансата да излезат и да кажат каде и како сакаат нивната земја да оди. Потоа кажуваат дека би сакале Британија да остане во Европската Унија и да ги споделуваат тие вредности и натаму да можат да ја одржуваат мобилноста и да живеат онака како што тие сакаат, а не како што нивната влада ќе одлучи. Но веќе беше доцна…  Па според тоа ако е патриотизам да одлучите каде ќе оди вашата држава Велика Британија киксна на темата патриотизам!

Мене работиве ми се чинат многу исти, или многу слични од многу одамна… Кога Македонија влегуваше во Обединетите Нации, влегуваше со референцата Поранешна Југословенска Република Македонија. Исто беше имаше предавници кои сакаа да ја внесат државата со привремено име, сакаа да го уништат јазикот, националноста, името, знамето… и така натаму, се по ред. Имаше и друга група патриоти кои тоа многу силно го напаѓаа, велејќи дека тоа треба да се прекине, ќе биде дочекано на нож… И баш денеска се потсетував на тој настан и се сетив дека кога тогашниот претседател Киро Глигоров излезе на говорница во Обединетите нации и почна да зборува на македонски, мислам дека во истиот момент во државава се промени атмосферата. Како да дувна друг ветер. Како да дојде нова клима. Луѓето одеднаш си рекоа ‘па добро, чекајте, се зборува македонски од говорницата на Обединети Нации…“.

Втор пример, привремената спогодба со Грција до 1995 година дочекана на нож, од патриотите. Не знам дали поостар можеше да биде тој нож.  Таа беше со години напаѓана и со години беа напаѓани овие другите дека не се патриоти. И дојдовме во ситуација кога ја загубивме спогодбата па потоа истите патриоти поведоа судски спор во Хаг за да ја вратат во сила. Но многу работи се променија. Се е миг или ќе ги фатите или ќе го пропуштите мигот…

Имаме безброј такви примери за патриотите и предавници.

Сега сме повторно исправени пред предизвик.

Ако сами си го уништите правото да гласате за или против нешто никој друг не ви е крив, самите сте виновни. Никој утре нема да забележи дека некој бојкотирал! Бидејќи, што значи тоа? Можеби е став. Ама каков? Кога зборуваме за иднина на државата каде што живееш ти, твоите деца, а треба и понатаму да живеат генерации. Не е патриотизам дали ќе бојкотираш. Не е патриотизам дали имаш став. Конечно, во една демократска држава патриотизам може да биде и да го запалиш знамето на државата, ама што со тоа?

Сите треба да се запрашаме дали треба да ја пропуштиме шансата како младите во Британија за Брегзит или треба сериозно да му пристапиме на ова прашање, да излеземе и да си го кажеме нашиот став“, рече Аргирова.

Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска


Текстот е дел од проектот „Патриотизам ДА, национализам НЕ!“ што го спроведува ЦИВИЛ со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на овој текст е единствена одговорност на ЦИВИЛ и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

Print Friendly, PDF & Email