Покрај вкупното зголемување на буџетот за повеќе од една третина, годинава во финансирањето на одбраната има уште две значајни измени – „фонд“ за пензии, кои наместо од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), ќе се исплаќаат од буџетот на МО, и двојно поголем „фонд“ за опремување и модернизација. Во меѓувреме, се враќа системот за повеќегодишно планирање на буџетот, запоставен цела деценија, и се подготвува првиот закон за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, кој за првпат ќе ја уреди оваа област, која досега беше во сферата на дискрециски права, сосема затворена за јавноста и често подложна на злоупотреби.
пишува: Игор. К. Илиевски
Министерството за одбрана од оваа година од сопствениот буџет ќе им ги исплаќа пензиите на сите воени лица пензионирани од 1992 година. Тоа е една од најголемите новини во годинешниот буџет на одбраната, кој е зголемен за повеќе од една третина во однос на минатата година, а, според најавите, допрва ќе се зголемува до 2 отсто од бруто-домашниот производ, пред сè поради зачленувањето во НАТО. Најголеми зголемувања има во ставките за опремување и модернизација, која е двојно поголема, и трикратно зголемената ставка за „трансфери кон ПИОМ“, односно пензиите. Истовремено со зголемувањето на буџетот и со промената на неговата структура, се подготвува и првиот закон за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста. Првиот законски текст во оваа област, која досега беше регулирана само како исклучок од Законот за јавни набавки, треба да ги примени соодветните европски директиви и предвидува набавките на војската и полицијата јавно да се објавуваат, строг систем за интегритет, прецизни технички спецификации, но и нова низа исклучоци и дискрециски права во набавките. Годинава, Министерството за одбрана го враќа во функција и системот за повеќегодишно планирање, програмирање, буџетирање и извршување (ППБИ), поставен уште во 2004 година, но кој беше запоставен повеќе од една деценија.
Покрај очекуваните зголемувања во „воениот буџет“ од 99,5 на 135,1 милиони евра, поради децениското запоставување, подготовките за членството во НАТО и долго одложуваното опремување и модернизација на војската, годинешниот буџет за првпат предвидува и зголемување во една, за јавноста, неочекувана ставка – пензии за воените лица.Ставката „431 – трансфери до фондот на ПИОМ“, наменета токму за пензиите, од минатогодишните 2 милиони евра годинава е зголемена на околу 7,4 милиони и е втора по висината на зголемувањето.
Во Министерството за одбрана потврдуваат дека од нивниот буџет ќе се исплаќаат пензиите за воените лица и тврдат дека таквата исплата на пензии е стандардна во земјите-членки на НАТО.
– Делот од буџетот за трансфери кон ПИОМ е зголемен заради објективно прикажување на сите трошоци во одбраната. Во овој раздел се прикажани средствата за исплата на пензиите на сите воени лица пензионирани од 1992 година до денес. Целосните пензии сега се пресметани во буџетот на Министерството за одбрана. Тоа е стандард во НАТО – вели извор од секторот за комуникации во Министерството за одбрана.
Висок извор од министерството вклучен во процесот на планирање на финансиите ја објаснува промената, но и причината зошто оваа ставка воопшто стои во буџетот.
– Станува збор за потпрограма 14, која до сега во просек предвидуваше 110-120 милиони денари годишно. Тоа е сума од која сеисплаќаа пензиите на предвремено пензионираните воени лица до 2018 година – вели изворот.
Во 2004 година Министерството за одбрана го донесе првиот Стратегиски одбранбен преглед и почна голема трансформација на одбраната која, меѓу другото, резултираше со укинување на задолжителното служење воен рок, но и со голема редукција на персоналот.
– Тогаш, со измени во Законот за служба во АРМ воведовме нов член за предвремено пензионирање на воен персонал. Министерството за финансии тогаш бараше овие пензии да бидат на товар на буџетот на Министерството за одбраназа да не го оптоварат дополнително пензискиот фонд. Тоа е единствен случај на исплата на пензии вон ПИОМ – вели изворот, на чија анонимност инсистираше Министерството за одбрана поради внатрешни процедури и овластувања.
Според тогашните измени на Законот за служба во АРМ, офицерите, подофицерите и цивилите во АРМ под одредени услови можат да се пензиорнираат со 25 години стаж, од кои најмалку 15 години минати во војската. Најголем дел од нив имаат бенефициран стаж, а во него се сметаат и годините минати во воено образование, па дел од воените лица стекнуваат право на пензија веќе во своите четириесетти години, иако со намалена пензиска основица.
Тогаш се пензионирале околу 450 воени лица.
– Тие пензионери, до исполнување на старосната граница за редовна пензија, ги примаа пензиите од Министерството за одбрана. Во моментов во таа група се околу 390 лица. Со ова практично го рефундираме ПИОМ – објаснува функционерот на Министерството за одбрана.