Страшното претерување на десничарската политичка опција во пропагандата за “исламскиот тероризам“ и за “опасноста“ која со “себе ја носи“ бегалскиот бран од арапските земји зафатени со ужасни војни, конечно почна да го дава својот крвав биланс во срцето на демократските држави, апсолутни почитувачи на човечкото достоинство и живот. Се чини дека е правило токму таквите држави да бидат жртви на беснеењето на хоророт на растечкиот тренд на новите “крстоносни витези“ кои на себе ја презеле одговорноста дека ќе ги ликвидираат “муслиманските чудовишта“ за да ја одбранат каузата на “унесреќените“ христијани.
Ужасот што го погоди Нов Зеланд е пример за тоа како една мирна и до даска слободна демократска земја во еден момент може да се претвори во бојно поле на кое психопат со претходно добро испланирана дејност станува закана за севкупниот државен интегритет и кредибилитет на една држава која со децении наназад навистина хумано и христијански им помага на угнетуваните од целиот свет. Да не бидеме наивни и да веруваме дека оваа земја е случајно избрана за овој крвав пир на монструмот од Австралија за кого веќе се докажува дека е поткован со идеологијата на “крстоносното братство“ од овој наш балкански регион.
На видеото што терористот го снимал се слуша четничка народна песна од подрачјето на Република Српска во која, само пред една недела, се одржа големиот собир на четниците на Додик кои се закануваат со повторни војни во БиХ. Јасно се слуша песната во која Србите го повикуваат осудениот Хашки затвореник, Радован Караџиќ, повторно да ги поведе во нови масакри и колеж против “турците“. Убиецот ги испишал имињата на сите, за него, позначајни личности во историјата кои биле окарактеризирани како “бранители на христијанството“ од “разулавените муслимански кучиња“. Тоа е доказ дека тој бил идеолошки подготвен, не бил случаен минувач ниту пак осамен екстремист, туку бил одлично истренирана машина за убивање со резервоар наполнет до врв од омраза и нетрпеливост кон муслиманите. Инаку, професорот на Белградскиот Факултет за безбедност, Зоран Драгишиќ, смета дека сега е многу важно да се испита дали постои врска помеѓу австралискиот терорист и српските радикалисти од Србија и Република Српска.
Ако ја прифатиме идејата на “крстоносните витези“ дека сите муслимани се “терористи“ кои заслужуваат да бидат убиени, тогаш, според таквата пеколна логика, и целата германска нација, не дај Боже, требаше да биде ликвидирана поради фактот што чудовиштето со брчињата беше Германец. Овој ужасен терористички акт поттикнат со идеолошка позадина преполна со “крстоносен“ фанатизам и радикализам го засоли и Австралискиот сенатор, Фрејзер Анинг, кој изјави: „Можеби муслиманите денес се жртви, но, во голем број на случаи, тие се сторителите!“ Тука не е крај на несреќните изјави на овој болен ум туку тој самоуверено го опишува холокаустот против Евреите како можно конечно решение за муслиманската емиграција. Аушвиц повторно!?
Каде сме ние со некои од овдешните медиуми? Се повторува глупавата зона на самракот во која што жртвата постојано се прогласува за главен виновник кога се известуваше за “престрелка во две џамии“!! Класичен аматеризам со доза на говор на омраза и исламофобија. Повторувам и апелирам до совеста на некои од медиумите кои се дават во аматеризам: бидете коректни и праведни во вашето известување бидејќи секој тенденциозно испишан збор претставува можно страдање на некои од вашите сограѓани. Бидете професионалци и освестете се!
Да не заборавам, терористот од Австралија, повикува на балканизација на состојбата во САД за да се спречи мултикултурниот живот кој како оштро сечиво му ја боде гнилата душа на тој монструм.
За крај, како е можно осудените за геноцид во Сребреница да им бидат урнек и пример на Андерс Брејвик и Брентон Тарант кои заедно убија 127 луѓе!?
„…ако некој убие некој кој не убил никого, или некој што не прави неред на Земјата – како сите луѓе да ги убил; а ако некој биде причина за нечиј живот да се сочува – како на сите луѓе животот да им го сочувал!“ (Куран, 5/32)
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.