Ние, вака напатени, а можеби и проколнати жители на Македонијава ни, изгледа не знаеме да научиме за добрината освен кога ќе се случи голема трагедија во која сите ќе се пронајдеме себеси. На жалост, конечно почнавме да размислуваме како еден. Македонци, Албанци, Роми, Бошњаци, Турци, Влави и какви се не мустри сме ние идиотите кога размислуваме политички, како неандерталци во лов на бизони. Со запенета уста, закоравени очи и изобличена фаца, се нешто бараме или наметнуваме а не сме свесни дека животниот век ни поминува тивко, но брзо, елегантно, но безобразно, громогласно, но немо. Зарем вреди да не се испочитува човекот, од Бога создаден, со сите негови доблести и позитивни особини, кој и да е, каков и да е?!
Замислете само, гласноговорници на христијанската догма станале луѓе без никаков морален кредибилитет, без никакво позитивно минато во ширењето на толеранција во оваа наша напатена заедница, силувана од феудалци, власт и опозиција, кои се кријат зад маската на патриотизмот и продуховеноста!? Кога говорат, од устата им излегува крвав одмазднички пискот небаре Небото им објавува дека е време нештата да ги преземат во свои раце не водејќи сметка за севкупната тешка состојба во која се наоѓаме а посебно во овие денови кога тагуваме за нашите сограѓани кои настрадаа во таа трагична сообраќајна несреќа. Се јавува еден “херој“ за да ја злоупотреби тагата, која се чини, овој пат, не сплоти, без оглед на нација и вера. Тој си дава за право да се повика на Божјата правда и во смртта на невините души гледа правична одмазда против тие што не се како него!! Злосторник е тој.
Тој е поранешен апологет на Груевизмот и само личи на човек, но, всушност е чудовиште! Не вреди да му го спомнувам името бидејќи народот и Јавното Обвинителство добро знаат за кого станува збор. Овој пат него го препознав во зборовите на Вајкарт кој говори за еугениката и расизмот на Хитлер што: „…го исмевал секој морал кој не ја подобрувал виталноста на “ариевската“ раса, особено некои традиционални вредности, како што се покорноста, сожалувањето и сочувството. Тој сметал дека тие вредности се неприродни и спротивни на здравиот разум, па затоа се штетни и погубни за здравиот развој и напредок на човековиот вид.“
Но, она што загрижува е фактот што органите на прогонот сѐ уште не гледаат потреба за санкционирање на ваквите јавни изливи на омраза и нетрпеливост!? Ако веќе се повикуваме на функционален политички систем во кој живо е застапено законодавството во чиишто рамки се наоѓа и кривичното право, зошто конечно нема реакција? Чудно.
Длабоко им се извинувам на роднините на починатите сограѓани бидејќи индиректно ги спомнав во овој текст. Уште еднаш им изразувам искрено и длабоко сочувство на сите нив иако сум свесен дека тоа се само мои зборови, но, болката, на жалост, останува само нивна.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
Авторот го нацрта: Игор Стевковски