Во ерата на масовно комуницирање кога буквално секој може да пласира информации до илјадници луѓе, се чини дека зборовите на разумните, рационалните, аргументираните гласови во јавноста го губат своето значење и тежина, под налетот на вербалните насилници, кои се користат со лажни вести, манипулации, навреди, клевети, говор на омраза. Тој дискурс, очигледно и потврдено со десетици случаи и примери од нашето секојдневие низ годиниве, продуцира насилство и жртви.
Тој дискурс, пренајлични мои, не се победува со контра-пропаганда, ниту пак со авторитаризам. Таа спирала на насилството која од политиката и медиумите се прелева на улица па пак назад на медиумите и во политиката за нова тура производство на херои, патриоти, предавници, платеници…може да се запре, со стриктно спроведување на законите.
Стигна вест од Италија, наш сограѓанин на привремена работа таму е уапсен под сомнеж дека подготвувал терористичка акција. Прегледал преку 900 тренинг терористички видеа, велат италијанските власти. Така и го уловиле, следејќи кој ги гледа тие видеа. Така се работи тоа во Европа. Кај нас вакви јунаци имаме стотици. Секојдневно мразат, повикуваат на тепања, убиства, бесења, се сликаат со оружје… и никому ништо.
Тежината на зборот ќе се врати, тогаш кога вербалните насилници ќе почнат да одговараат за сето ѓубре што го истураат не само над оние што се намерачиле, туку над целото општество. Тогаш и ќе тргнеме таму каде што сме наумиле, кон Запад, НАТО и Европа. Таму е Италија, таму не толерираат насилници, лажговци и будали кога сакаат да ги споделат своите раскошни таленти со околината…