Белградските студенти кои ноќта ја минаа во Инџија, на околу 40 километри од Белград, пред 10 часот го продолжија протестниот марш кон Нови Сад, каде на 1 февруари ќе им се придружат на своите колеги од Нови Сад во блокирањето на мостовите, пренесуваат српските медиуми.
На овој начин ќе одбележат три месеци од падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, 15 лица загинаа, а двајца се тешко повредени.
На Железничката станица во Нови Сад се очекува околу 19 часот да пристигнат студентите кои на 30 јануари го напуштија Белград.
Студентите од Белград планираат да им дадат поддршка на колегите од Нови Сад кои најавија блокада на сите градски мостови за 1 февруари, кога поминаа три месеци од трагедијата на Железничката станица во тој град
Маршот го обезбедуваат повеќе од десетина студентски чувари.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ во вторникот изјави дека припадниците на тој оддел „целосно ќе ја обезбедат“ рутата на студентскиот марш од Белград до Нови Сад, кој ќе биде придружуван од амбулантни возила и резервоар со вода за пиење.
Трагедијата во Нови Сад предизвика бран масовни протести низ Србија, кои изнесоа десетици илјади луѓе на улиците.
Изминативе два месеци протестите ги водеа студенти кои блокираа десетици државни факултети, а клучното барање е да се утврди кривичната и политичката одговорност на властите за несреќата во Нови Сад.
Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети.
Д. Т.