Денеска и официјално беше пуштено во употреба општинското основно училиште „Киро Глигоров” во населбата Капиштец во Општина Центар, во присуство на премиерот Зоран Заев, министри во Владата и општинското раководство. Архитектот на најмодерното и најубавото училиште во целава земја е младиот архитект Бесиан Мехмети од Тетово.
Училиштето почна да се гради во 2016 година, а изведбата на проектот е во вредност од 5,5 милиони евра. Изградено е на површина од 12.100 квадратни метри, со дворна површина од 4.100 квадратни метри. Има 21 училница, со акустика на простор, седум специјализирани кабинети за предметна настава, спортска и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и Дневен центар за деца со церебрална парализа.
Училиштето го носи името на првиот претседател на државата, Киро Глигоров, а го избрале граѓаните преку анкета, по што согласност даде и Советот на Општината.
А. Зеќири












