Дваесет и седумте членки на ЕУ не постигнаа компромис за европската буџетска рамка 2021-2027, претседателот на Европскиот Совет до рано изутринава водеше билатерални консултации со европските лидери. Самитот продолжува денеска од десет часот.
Европската Унија мора итно да постигне договор за распределбата на буџетските средства за наредните седум години. ЕУ мора да најде начин да надомести за напуштањето на Британците во момент кога се соочува со повеќе предизвици како миграцијата, проширувањето, и климатската криза.
Повеќето лидери не се обратија пред медиумите по овој прв ден од самитот. Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека има впечаток дека преокупациите на нејзината земја не биле земени в предвид и порача дека не е уверена дека ќе биде можно да се постигне компромис на овој самит.
Португалскиот премиер претходно нагласи дека е подготвен да остане во Брисел до крајот на викендот но дека мора да се најде излез од ќор-сокакот.
Позициите на земјите членки се дијаметрално спротивставени и до овој момент се чини дека не е возможно да се приближат.
Емануел Макрон кусо по самитот порача дека намалувањето на земјоделските фондови е неприфатливо во период кога ЕУ се стреми кон реформа на прехранбениот систем за да ги постигне целите на Зелениот пакт за намалување на емисиите на стакленички гасови. Земјоделството е одговорно за 11 отсто од штетните емисии во ЕУ.
Преговорите продолжуваат во десет часот и не е исклучено да траат до крајот на викендот, пренесува МИА.