Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Израел на средби со израелските лидери, што е прва станица од неговата блискоисточна турнеја која вклучува посети на Јордан и Катар.
Блинкен во текот на денот ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.
Како што претходно беше најавено од Стејт департментот, Блинкен отпатува на Блискиот Исток за да ја потврди посветеноста на САД за безбедноста на еврејската држава и да разговара за начините за постигнување мир.
Шефот на американската дипломатија ќе разговара за опциите за завршување на војната во Газа, обезбедување ослободување на сите заложници и проширување на хуманитарната помош.
Блинкен ќе зборува и за планирање на постконфликтен период во Појасот Газа без владеење на Хамас. Теми на разговор ќе бидат и начините за постигнување дипломатско решение меѓу Израел и Хезболах, кое ќе биде во согласност со резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН и ќе им овозможи на цивилите од двете страни на границата да се вратат во своите домови.
Последното патување на Блинкен на Блискиот исток, негово 11-то во регионот откако палестинските милитанти на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, по што следеше израелскиот напад врз Газа, доаѓа откако израелската војска ги засили операциите во палестинската енклава, како и во Либан против проиранскиот Хезболах.
Извор МИА
Фото: МИА архива