Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во одговор на новинарски прашања денес во Владата, отфрли секаква одговорност на ресорното министерство за случајот „Беса транс“, во чија сопственост е автобусот во чија трагична несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија загинаа 45 луѓе.
„Од она што досега го истраживме внатре, нема ниту едно прекршување во Министерството за транспорт и врски“, рече денеска Бочварски.
Тој повторно посочи дека Министерството ги издава лиценците и изводите од лиценци по барање на превозниците. „Секој што сака да врши одредена дејност во транспортот треба да достави комплетна документација. Ако правното лице ги прекршувало одредбите од законите, треба да сноси одговорност“, истакна министерот за транспорт.
Во Министерството за транспорт, како што информираше Бочварски, пријавени се вкупно 3576 автобуси за секој тип превоз освен за општинскиот кој е под локалните власти, а исто толку возила имаат пријавено и извод од лиценца.
Тој информираше дека од обвинителот Јовески побарал да ја преземе целата документација за случајот комплетно да се истражи.
„Разговарав со обвинителот Јовевски и побарав веднаш да се преземе целата документација од Министерството и случајот да се истражи. Сакам да упатам апел до сите институции да продолжат со постапките. Остануваме овде да помогнеме во истрагата и поскоро да се открие кој го прекршил законот. Кој и да го прекршил законот, мора да сноси одговорност. До овој момент, нема ниту едно прекршување во Министерството за транспорт и врски“, повтори Бочварски.
Ц.Д