пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Некои замислени медиумски величини, кои постојано, низ годиниве, се потсмеваа со саморегулацијата, со медиумската писменост, со иницијативите на новинарските организации, со обуките за новинари, со проектите за истражувачко новинарство и „невладините фолиранти“, сега одеднаш станаа најгласни борци за овие работи, а богами и редовни корисници на странски, а и домашни грантови.
Погледнете само што прават, пукаат рафално по неколку пати на ден манипулации во врска со предлог-планот за борба со дезинформации на владата. Вадат од контекст, ставаат зборови во уста, плашат јавност со работи што воопшто ги нема во планот, споредуваат работи што не се споредуваат, па и разните случаи што се актуелни во земјава во сосема други области, ги ставаат во контекст на предлог-планот. Дури и со нацистите ја споредуваат власта. Го прават истото што го прават и куририте на мвро, само демек со повеќе „стил“.
Не се секирајте. Утре-задутре, кога ќе видат дека и меѓународната заедница ќе отвори многу конкурси и ќе дава многу пари за овие теми – за борбата со дезинформации, за медиумската писменост, за производство на едукативни содржини во медиумите (кои токму овие „величини“ ги укинуваат како недоходовни и неатрактивни, со што низ годиниве придсонесуваат во општата деградација), ќе ја сменат лентата. Како што ја менуваа и во минатото, штом се појават пари на хоризонтот. Прво берат „бостан“, а после сакаат да берат „шушки“.
Ќе бидат најгласните и најконструктивните. Секако, ако добијат некое паре на конкурсите. Јер пара врти где разум неќе. Бостанџии.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ