Шамима Бегум, која ја напуштила Велика Британија со двајца нејзини соученици од источен Лондон, кога имала 15 години, е пронајдена во кампот за бегалци во северна Сирија од британскиот весник „Тајмс“.
Сега веќе 19 годишната Бегум, која е во деветиот месец од својата бременост, за весникот изјавила дека „само сака да се врати дома и да го роди своето дете“.
Бегум, исто така, изјавила дека не жали за доаѓањето во Сирија, но и дека „калифатот е готов“.
„Тие секој ден се сè помали и помали, а меѓу нив има многу угнетување и корупција што навистина не мислам дека заслужуваат победа“, вели таа.
Бегум изјавила и дека претходно имала две деца кои починале како доенчиња од неисхранетост и болест.
Пред две недели таа одлучила да избега од последниот штаб на ИСИС во селото Багхоз во источна Сирија, наведувајќи ги стравувањата за нејзиното неродено дете.
„На крајот, јас едноставно не можев да издржам повеќе“, изјави таа за „Тајмс“. „Јас едноставно не можев да го прифатам тоа. Сега само сакам да се вратам дома во Британија“.
Бегум изјави дека нејзиниот 27 годишен сопруг, Холанѓанец, кој се борел за ИСИС, откако се предал на сириските борци сојузници на Сириските демократски сили поддржани од САД таа не го видела.
Бегум за весникот изјавила дека е свесна за тоа што мислат домашните за неа, „прочитав сè што е напишано за мене. Но јас само сакам да се вратам дома за да го родам своето дете. Ќе направам сè што е потребно само за да можам да се вратам и да живеам мирно со моето дете“, вели таа.
Бегум во интервјуто за Тајмс ги опиша нејзините први години во тогаш само-прогласениот главен град на калифатот, како „нормален живот, како животот што го прикажуваат во пропагандните видеа“.
Таа изјавила дека го напуштила Багхоз пред две недели кога завршила последната офанзива на СДФ за соборување на ИСИС. Таа одела по коридорот источно од градот, додавајќи дека била премногу „слаба“ што ја напуштила групата додека се соочувале со смрт и ги поздрави жените кои останале.
Сега, во сирискиот бегалски камп со 39.000 луѓе во Ал Хаул, Бегум тврди дека слушнала од другите жени дека двете нејзини соученички со кои дошла во Сирија се живи.
Не е јасно како нејзината желба да се врати дома ќе биде прифатена од Министерството за внатрешни работи на Велика Британија, која има строги закони за граѓаните кои сакаат да се вратат по патувањата на територијата на ИСИС.
Без да го коментира случајот на Бегум, британскиот министер за безбедност, Бен Валас, во вчерашната програма на Би-Би-Си изјави дека „ваквите активности имаат последици“.
Валас рече дека државјаните на Велика Британија кои сакаат да се вратат по патувањата на територијата на ИСИС треба „да бидат подготвени да бидат испрашувани, истражени и потенцијално обвинети за извршени терористички прекршоци“.
Извор: Си-ен-ен