УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Од друга страна, што е право, кога повремено ќе се соберат на јавен протест, нашите антиваксери се бројат во неколку стотици луѓе кои на мирен начин и, често, со најфантастични, па и забавни небулози го бранат своето право да не се вакцинираат. Но, потоа, кога ќе падне „мракот“ на анонимноста по социјалните мрежи или, пак, кога ќе ги фати страста за фејсбук-херојства и правење пакост, да почне неуморната кампања со карактерни атентати и најниски страсти против гласот на здравствениот, а и воопшто, здравиот разум.
Познато е дека кога се уплашени или кога се многу вознемирени, некои луѓе лесно запаѓаат во состојба на параноја, психолошки феномен проследен со фиктивен нагон на гонење, теории за конспирации и ирационалност од најразличен вид. Тоа е состојба на психоза што се лечи. Потребен е совет од стручни медицински лица – слични на оние кои сега се „дават“ по болничките ходници и коридорите на социјалните мрежи. Аман, луѓе, побарајте совет, никогаш не е предоцна да си помогнете, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Паранојата се лечи, побарајте стручен совет!“
Сè додека се носат закони со кои се обезбедува интерес на некој во или близок до власта (а се очигледно спротивни на интересите на голем број граѓани), сè додека осомничени и осудени за криминални дејствија од позиција на власт може да се бранат од слобода со користење на парите кои се стекнати додека биле на позиција на власт, сè додека застаруваат случаи против високи функционери во власта и сè додека осомничени за големи прекршувања на законите може да бидат дел од власта, криминалот во Македонија ќе се исплати, а борбата со криминалот ќе биде само обична фарса со која се залажуваат граѓаните., пишува Мирјана Најчевска во колумната „Зошто цвета државниот криминал во Северна Македонија?“
И покрај многубројните најави дека новата влада ќе има стабилно мнозинство, сепак тие не се остварија. Во неделата пред полноќ од вкупно 120 пратеника „за“ новата влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски гласале 62 пратеника, додека 46 биле „против“, а воздржани немало. Ова значи дека за новата влада гласале само 108 пратеници, додека не гласале или воопшто не се појавиле на седницата вкупно 12 пратеници. Овие бројки јасно покажуваат дека обезбеденото парламентарно мнозинство во кое партиципираат СДСМ со коалиционите партнери, ДУИ и Алтернатива повторно е на стаклени нозе. Да потсетам дека и досегашната, тринаесеттата по ред, влада која ја предводеше Зоран Заев беше изгласана на 30 август 2020 година со, исто така, само 62 пратеника, пишува Јове Кекеновски во анализата „62 е многу помалку од 64“
СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО: Денешниот Утрински брифинг од 7.30 до 11 часот е во тек!
„Утрински брифинг“ е местото каде секој работен ден од 7.30 до 11 часот, низ динамична програма со актуелни информации, анализи и разговори со гости, се поставува општествено-политичката агенда на денот.
Брза пошта, ВАША рубрика во Слободна зона: Останете гласни!
Неодамна, Цивилмедиа.мк воведе нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
ПОСЕТА: Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска ќе престојува во еднодневна официјалната посета на Република Северна Македонија заедно со Кристиан Вигенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија, и со бугарските министри за надворешни работи и за транспорт и врски, Теодора Генчовска и Николај Сабев. Бугарската делегација ќе ја пречека премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите за надворешни работи и за транспорт и врски, Бујар Османи и Благој Бочварски, како и од членови на Канцеларијата на претседателот на Владата и на Министерството за надворешни работи.
СЕМИНАР: Четири меѓународни едукативни семинари на тема одржливи објекти, како дел од проектот „Кон одржлива иднина: Предизвик за одржливи објекти“ (Towards Sustainable Future: Sustainable Buildings Challenge) ќе се одржуваат онлајн во 17 часот почнувајќи од денеска па секој нареден вторник во периодот до 8 февруари. Семинарите, се наменети за архитекти, планери, но и за пошироката јавност, со цел поблиско запознавање со можностите на одржливите објекти, во однос на нивната енергетска ефикасност, економичност и создавањето здрав и комфорен животен простор. Предавањата, кои ќе се одржуваат на англиски јазик, ќе ги реализираат експерти од земјава и од седум европски универзитети.
СОРАБОТКА: Делегации од ветеринарните служби и институции од Република Србија и Република Хрватска денеска ќе бидат во работна посета на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија. Посетата на делегациите е со цел да се разменат информации и искуства во врска со епидемиолошката состојба во регионот, со посебен осврт на африканската чума кај свињите, болест која претходно е појавена во Република Србија и чии искуства се драгоцени во справувањето со оваа болест во нашата држава. Ќе се разговара и за работи од интерес за ветеринарната медицина и продлабочување на соработката помеѓу ветеринарните институции во регионот, информираа од Ветеринарната комора на Северна Македонија.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев