Искршен штаб, пукотници, уништени плакати и обид за полов напад е билансот на МВР за изминатиот викенд, кој се однесува на активности поврзани со предизборната кампања.
На 07.10.2017 година околу 20,40 часот К.П. од с. Требеништа пријавила дека во просториите на штаб на политичка партија во с.Требеништа-општина Дебарца, лицето Ф.П. М. се обидело да изврши полов напад врз неа.
Во билтенот на МВР стои дека на 08.10.2017 година во 22,20 часот во с.Арачиново, скопско, А.И. пријавил дека додека Ф.З. (22) од с.Арачиново и други лица активисти на политичката партија БЕСА лепеле плакати, во нивна близина застанало патничко возило Голф со скопски регистарски ознаки, во кое имало непознато лице кое го отворило прозорецот и од огнено оружје испукало еден куршум во воздух, по што заминало во непознат правец.
На 08.10.2017 година во 14.45 часот во Единица за информации и команда Скопје, З.И. (57) од Скопје, одговорен на партискиот штаб на политичка партија Обединети за Македонија, пријавил дека во периодот од 22.00 часот на 07.10.2017 до 14.00 часот на 08.10.2017 година на ул.„Живко Фирфов“ во населба Драчево непознат сторител со камен го оштетил стаклото на штабот на политичката партија Обединети за Македонија. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.
На 09.10.2017 година во 00.40 часот на бул. „1-ви Мај“ во Битола, од страна на полициски службеници од СВР Битола биле затекнати лицата Н.К. (29), З.И. (28) и И.М. (22), сите од Битола, како со црн спреј прскаат на изборно пано со плакат од кандидатот за градоначалник на политичката партија СДСМ. Против нив се поднесени прекршочни пријави по член 79 од Изборниот Законик на Република Македонија.