Пратениците од опозициските партии ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода вчера попладне до Парламентот на Грција доставија барање за гласање недоверба на грчката Влада поради железничката несреќа, а расправата ќе започне вечерва во 19 часот, јавува МИА.
Иницијативата е на ПАСОК, а лидерот Никос Андрулакис рече дека барањето е потпишано од 85 пратеници од четири пратенички групи, како и независни пратеници и се однесува на како што рече „Владата чии дела претставуваат споменик на криминалната неспособност за трагедијата кај Темпи, Владата потопена во ароганција и корупција и Владата која ги прекина врските со реалните потреби на општеството“.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека секој предлог за недоверба е добредојден, дека министрите ќе ги претстават нивните планови и амбиции за иднина, односно владината програма до 2027 година кога истекува мандатот.
Посочи дека во петок вечер, за време на гласањето „одново ќе се потврди она што се подразбира, апсолутната обединетост на пратеничката група на Нова демократија“ и повика расправата за недоверба на Владата да започне уште денеска, во 19 часот по локално време.