од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Да, Македонија го промени своето уставно име за да ги добие НАТО и преговорите за ЕУ. Ама примарно Македонија го потпиша Преспанскиот за да ги добие развојните перспективи за себе. И од тоа стојалиште не се воопшто адекватни реакциите дека Македонија преку Преспа мора веднаш во Европа. Не, само може, ама не мора. Но како и да завртиш, Македонија со Преспанскиот, времето тоа неминовно ќе го потврди, е во голема добивка.
Во прилог на ова само неколку факти во корист на државата Македонија, на Северна ама Македонија:
Прво, решен е еден неразбирлив и токму поради тоа и тешко решлив меѓудржавен и меѓусоседски спор;
Второ, да не го стореше тоа, деновиве на самитот на ЕУ во Луксембург, Македонија воопшто не ќе беше ниту спомната, ниту некаква тема на темата „проширување“. Ќе си останевме закотвени на европското дно;
Трето, еве НАТО, токму поради Преспанскиот, е завршена приказна. Полноправна членка ќе е годинава или е само техничко прашање за до половина на наредната;
Четврто, земјава, главно поради или, поточно, благодарејќи на Преспанскиот, се ослободува од робувањето на некои историски заблуди и од нивните непродуктивни романтизми;
Петто, со Преспанскиот, во напливот на оваа глобална информатичка ера, за Република Северна Македонија е отворен нов развоен хоризонт; и
Шесто, сето друго од критериумите за во ЕУ е задача за овде, за нас дома. Самите да си ги спастриме и нашиот дом и нашиот двор.
И покрај разочарувањата и напливот од негативни емоции поради француското гледање на нашите актуелни состојби, убаво е, и отрезнувачки е, да си се соочиме и со фактот дека Македонија е институционално разградена. Дека ниту прво за себе, а потоа ниту за ЕУ, сѐ уште не испорача ниту една видлива и одржлива реформа. И дека како и досега, така и отсега, сѐ од нас ќе зависи.
Моќните Макрон и Меркел синоќа од Луксембург најдиректно ни порачаа: „Чиниите од кои си сркате, ќе морате да си ги измиете вие самите “.