пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Во 1991 година во Македонија не се зборуваше за човековите права. Тие не беа во мода. Беа нешто што спорадично се учи на некој факултет, се пишува во текст за некоја научна конференција или се поврзува со случувања таму некаде на “западот“.
Во 1992-95 година човековите права почнаа да се спомнуваат од некои невладини организации, да ги збунуваат претставниците на власта кои требаа да ги ратификуваат меѓународнотите договори и да ги подготват првите извештаи за состојбата со човековите права во државата, и со гнасење да бидат одбивани од судиите кои никако не можеа да ја видат врската меѓу човековите права и Кривичниот законик, Законот за кривична постапка, затворите, истрагите, …
Во 2001 година ги поделија граѓаните и партиите и невладините организации и професионалците од разни фели. И ја пробија браната, и преплавија се’ и почнаа да се наметнуваат како незаобиколива тема на граѓанското и на политичкото делување. Многу мал број луѓе разбираа за што станува збор, меѓутоа тоа не ги спречуваше сите други да ги објаснуваат, да мафтаат со нив, да се колнат во нив, да ги бараат и да ги бранат.
И од тогаш човековите права станаа незаобиколив моден детал на секој оној кој држеше до својот интелектуален или политички или граѓанско-активистички статус. Едноставно, не смееш да излезеш од дома без да ги облечеш ракавиците на човековите права, или да ја наметнеш марамата на човекови права, или да ги облечеш сосема новите чевли на човекови права или супер модерната ташна на човекови права (зависно од пригодата и од сезоната).
Не дека ги разбираат. Не ни знаат зошто треба да се зборува за нив, што значат, како да се практикуваат и штитат, ама ги облекуваат по потреба. На некои дури и воопшто не им се допаѓаат, ама сетики ги облекуваат (некогаш и на најпогрешен начин) и ги носат наоколу. Како моден детал. На партиските митинзи и на конференциите и пред камерите и во изборните кампањи во Собранието и во Уставниот суд и на протестите и во прокламациите.
А под шарената шамија на човековите права многу често се крие истиот стар капут на предрасуди и стереотипи, и омраза и национализам и нетрпение кон различноста и она, колку права им дадовме, а тие незаситни уште бараат.
И ајде јас да си кажам на овој ден она што го повторувам последниве 25 години: човековите права не се заслужуваат. Човековите права не се награда затоа што сме добри, паметни, послушни … Човековите права му припаѓаат на секое човечко суштество затоа што така се договориле луѓето на ова ниво од цивилизацискиот развој. И затоа што луѓето независно од било која своја карактеристика се достоинствени човечки суштества кои се еднакви во своите права и слободи.
Човековите права не се моден детал кој се става врз старото руво на нетолеранција, туку суштина на човековиот развој.
Преземање на содржините e НАЈСТРОГО ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Со преземање на било која содржина објавена на ЦИВИЛ Медиа, спротивно на Условите, се согласувате на ЦИВИЛ да му исплатите надоместок од 25.000 денари во рок од осум дена по преземањето на содржината. Оваа обврска не застарува, а за секое доцнење на исплатата ќе биде пресметана соодветна законска камата.