Чувството дека иако си дома, имаш третман на спортски тим на гостински терен во втора лига.
Чувството дека оние за кои нема одговорност, површните, насилните, опортунистите – просперираат многу повеќе од оние што се одговорни, способни, со интегритет.
Чувството дека општеството и јавноста имаат повеќе сила да се справат со грешките на оние што работат и се трудат да биде подобро, а се навикнати и ги прифаќаат – вербалните масакри, „карактерните убиства“ или хајките против луѓе, уличарскиот речник, лагите, масовното манипулирање, омразата, насилството, корупцијата, криминалот и бескрупулозноста на лошите и злите за кои нема одговорност, а од кои дури се прават јавни ѕвезди, релевантни чинители, лидери и идоли.
Чувството дека мавањето по самарот а не по магарето е национален спорт.
Чувството на опкруженост со зајадливост, озборувања, површност, малициозност, малодушност…
Чувството на бесперспективност кај сите оние што сакаат во животот да се пробиваат со чесност, со знаење и вештини.
Многу добро ми се познати овие чувства. Тие не се менуваат со реторика и перцепции.
Нашата иднина ќе зависи од способноста да се прејде што побргу на дела, на практикување на подобри вредности. Напредокот ќе зависи од капацитетот на општеството, во процесите пред нас да ги вклучи најдобрите меѓу нас.
Во спротивно, добро знаете што не очекува…Она што бевме и сме, веќе 28 години.