Биљана Јордановска
Во пресрет на големото телевизиско дерби меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски на Канал 5 на 26 март, направивме еден преглед на неодамнешното интервју на Сашо Орданоски со Мицкоски во емисијата „Печат на неделата“ на 1ТВ. Имајќи ги предвид главните линии на разговорот во оваа емисија, може релативно лесно да се предвиди со кои тези ќе настапи Мицкоски версус Заев. Во таа емисија, Мицкоски повеќепати кажа дека сака да излезе на ТВ дуел со Зоран Заев, што веројатно беше вовед и во организирањето на денешниот ТВ дуел.
Да видиме, на кои прашања одговори, како одговори или не одговори Мицкоски на прашањата на Орданоски?
Лепезата на прашања на кои Мицкоски (не) одговараше во емисијата кај Орданоски, опфаќаше период од формирањето на сегашната влада до претстојните претседателски избори и визијата на неговата партија во догледна иднина.
Мицкоски, не многу вешто, ги избегна прашањата што се однесуваа до тезите што самиот се обиде да ги подметне во емисијата, а се однесуваа на наводните „крвави раце на Зоран Заев“, на „медиумите што земаат пола плата на рака“, а потоа не знаеше да каже кои се тоа, како и за Преспанскиот договор, односно неговото поништување во случај на победа на претседателските, а потоа и на предвремените парламентарни избори за кои зборува цело време.
Ниту еден одговор на Мицкоски не упатуваше на тоа како неговата партија е проевропски ориентирана и како неговите средби со сестринските европски партии тоа го потврдува.
Освен упорното повторување дека Договорот од Преспа е капитулација и дека ниту во неговите најстрашни кошмари не верувал дека „Зоран Заев ќе го смени името“, одговор за тоа од каде таквиот став немаше. Наспроти тоа, Мицкоски имаше неуспешен обид за дефокусирање, со обвинувањата за непотизам и корупција на сегашните функционери, избегнувајќи да одговори на прашањата за еднодеценискиот режим на Груевски и неговиот структурно граден имиџ, меѓу другото, и преку непотизмот и корупцијата. Но, Орданоски не дозволи да се измолкне од непријатните прашања и, ако ништо друго, јасно ги постави повеќе пати, од што стана повеќе од очигледно дека тие прашања не се одговорени.
Мицкоски обвини, но не докажа или објасни, кои тоа медиуми се дрзнале да ги исплаќаат на рака медиумските работници, пола плата на рака. Индиректно, се добиваше впечаток дека, како да сака да ја вметне на таа листа и 1ТВ, на што Орданоски остро го предизвика да потврди, како за телевизијата во која тој ја води емисијата, така и за другите. Се разбира, Мицкоски не одговори.
Иако најголем дел од времето Мицкоски се обидуваше да ја дискредитира улогата и значењето на Орданоски како новинар и политички аналитичар, особено во моментите кога не знаеше како да ги избегне директно поставените прашања. А такви моменти имаше и премногу.
Мицкоски изрази длабока убеденост дека „натпартиската“ кандидатка за претседателка Гордана Силјановска – Давкова, е сигурна победничка на изборите. Таа е „вмровската есенција“ на „македонскиот народ“, на „државата и вредностите“, таа „ја има поддршката од граѓаните“, таа „ќе ја исправи државата пред сите“ и таа е „гаранцијата“ дека ќе нема бојкот од ВМРО-ДПМНЕ, напротив сите, со сигурност тврдеше Мицкоски, ќе гласаат, се разбира, според него, за нивната „натпартиска“ кандидатка.
А дека ВМРО-ДПМНЕ го кочи целиот реформски процес за евроинтеграциите, не е точно, вели Мицкоски.
„Не се сложувам дека јас го ставив ВМРО-ДПМНЕ на траекторијата надвор од европските текови“, вели Мицкоски, како да сака да потврди дека тој пат некој друг го трасирал (Груевски, со кој тој нема никаква врска во моментов, со неколку пати, како мантра, повторувајќи дека тој не е негов производ), ама сега тој, еве, ја враќа назад европската перспектива на партијата и на државата. И се разбира, по логиката на нештата, неговите одговори алудираат дека таа иднина не зависела од ваквиот начин на постигнување на Преспанскиот договор.
За начинот на кој се промени името, како се влезе во НАТО, како се водат реформите, а во отсуство, нели, на груевизмот, Мицкоски го обвинува заевизмот.
Заевизмот е крив за името и македонскиот идентитет, заевизмот е крив за 27 април, заевизмот е крив за реформите што тие како партија не ги поддржуваат, заевизмот, заевизмот, заевизмот…
Тоа беше прилично неуспешен обид да се хипнотизира публиката, за да заборави на груевизмот. Не случајно и Силјановска во сите нејзини партиски средби, што таа најверојатно би ги дефинирала како „натпартиски“, затоа што не е дел од ВМРО-ДПМНЕ, ама секоја поддршка е добредојдена (тоа нема врска со парите, нели, туку со идеологијата) го користеше заевизмот како почеток и крај во сите говори.
Што се однесува до 27 април, „нема тероризам“, вели Мицкоски, сè е тоа резултат на незаконско бирање на собранискиот спикер, а никој не го зема предвид тој момент, прв пат слуша за Јане Ченто, сиот тој ден излегува дека е монтиран случај…
Се разбира, Мицкоски го зеде Законот за амнестија за „пример на заробена држава“, а СЈО доказ за тоа колку многу се работело оковите да бидат нераскинливи, а заробеништвото трајно.
За кочењето на Законот за јавно обвинителство, според кој СЈО влегува во структурата на ОЈО, но со сопствена автономија, Мицкоски се излета и раскажа дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева нему и на „друго лице што може да посведочи“, му ветила дека имотот на партијата ќе се одмрзне, ако ВМРО-ДПМНЕ го поддржи СЈО. Мицкоски не откри кое е тоа „другото лице што може да посведочи“.
И за крај, она што можеби беше наменето да го нервира Заев, или само да го иритира, е гордата изјавата на Мицкоски дека тој е победник по природа, не размислува и нема потреба од оставка, под претпоставка и да изгуби на изборите, што, според него, нема да се случи.
Тој упорно негираше дека има некаква врска со бегството на Груевски, но убедливо делуваше само кога изјави дека нема никаков контакт со него. „Во тоа можам и да поверувам“ – му рече Орданоски.