Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека „веројатно во поинаков формат од сега“ Србија во 2019 година интензивно ќе се бави со прашањето за Косово и Метохија.
На прашањето дали очекува следната година да се реши прашањето за Косово, тој одговори: „Никој не може да каже – ќе го решиме Косово следната година, барем никој од сериозните политичари и кај нас и во светот. Што се однесува до мене, јас би сакал уште утре да имаме договор и решение, но тоа не е реално, уште многу коцки треба да се вклопат.“
Тој укажа дека европските преговарачи веќе извесно време се фокусирани на изборите кои им престојуваат во мај, а потоа следуваат уште неколку месеци додека да направат нова Европска комисија и изберат наследник на Федерика Могерини.
Во својата изјава тој наведе дека: „Соединетите Американски Држави сакаат да го пополнат тој вакуум и тоа е добро за целиот процес, бидејќи ние не сакаме да се губи време. Затоа и охрабрува писмото на Доналд Трамп до претседателот Вучиќ како добар знак дека Америка сака дијалогот да продолжи, да не се изгуби моментот, како што често се случуваше во последните пет-шест години, по заслуга на Приштина“.
Според Дачиќ, покрај САД би било корисно да се вклучат и други поголеми земји, како Русија и Кина, бидејќи тоа би допринело до обезбедување на широки меѓународни гаранции за сѐ што би било договорено. Тој додава дека тоа би значело целосен меѓународен легитимитет за се што ќе биде договорено околу Косово и Метохија, а пред се би обезбедило долгорочен договор, кој е во интерес на Србија.
Тој изјави дека идејата за разграничување на Србите и Албанците „е единствената на масата, но дека таа мора да биде проследена со низа други договори“.
„Ние не се откажуваме од највисоките права за српската заедница на Косово и Метохија, од заштитата на српското наследство, од големиот имот кој Србија го има на Косово и Метохија, и тоа сите добро го знаат“, заклучи Дачиќ.
Ј. М. П.