Најавите за претстојниот попис кој според информациите на Државниот завод за статистика ќе се одржи во 2020 година ја разбранува јавноста, пред сè поради најавите дека од прашалникот ќе биде изоставена графата за етничка припадност.
По предлогот пописот да помине без граѓаните да се изјаснат на која етничка припадност и припаѓаат новиот директор на ДЗС, Апостол Симовски најави дека новиот попис ќе се спроведува и по нови методи кои подразбираат користење на државните бази на податоци, а едно од прашањата на коешто ќе треба да одговори секој граѓанин е прашањето за јазикот кој се зборува во неговото семејство. Понатаму, овие податоци ќе се користат за да може да се спроведат законите коишто им овозможуваат права на граѓаните од етничките заедници во средини каде 20% од нив зборуваат јазик различен од македонскиот.
Токму за овие прашања, но и за низа други проблеми поврзани со претстојниот попис, но и оној неуспешниот од 2011 година, ЦИВИЛ Медиа подготви серија разговори со Дончо Герасимовски, експерт за демографија и попис и поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Герасимовски во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа зборува за подготвеноста на Македонија за попис, за неуспешниот попис во 2011 година, за предлогот за изоставување на графата за етничка припадност, за мешањето на политиката во пописот како статистичка операција, за поврзаноста на Избирачкиот список и пописот и низа други прашања поврзани со оваа процедура кои ќе имате можност да ги проследите во наредните денови.
Според најавите на ДЗС пилот попис ќе биде реализиран следната година во помали пописни единици. За последен пат во Македонија попис беше спроведен во 2002 та година. Пред 7 години требаше да се спроведе нов, но истиот беше прекинат. За неуспешниот попис во 2011 години СЈО отвори истрага.
М. Ивановска
Фотографија: Ариан Мехмети