пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Мицкоски, драги мои, е првиот претседател во историјата на ВМРО-ДПМНЕ што го одбележува и честита Денот на победата над фашизмот. Да повторам – првиот во историјата. Да му верувате на Младиќот. Ако не, проверете.
Освен тоа, да не заборавиме, оти такво ни стана општеството, дека цели 10 години за време на режимот на Груевски овој ден власта го одбележуваше само како Ден на Европа. Антифашизмот беше прогонет, отфрлен од државните институции. Тогаш се славеа други вредности и личности, како Ванчо Михајлов на пример.
Тоа, драги мои, беше еден од главните фактори што го сврте народот со длабока антифашистичка традиција против диктаторот. Дури, според мое скромно мислење, токму тоа беше далеку посилен фактор за пресвртницата од многу други, затоа што главнината на силите што со години ја биеја битката со Груевски беа токму антифашистите во земјава.
Без оглед на тоа за каков може да го сметате Мицкоски, тоа што тој денес од позиција на претседател на ВМРО-ДПМНЕ го честита Денот на победата против фашизмот е историска промена на наративот, и за него и за партијата што ја води. Пресврт од 180 степени.
Од каде овој лупинг во реториката?
Белким, ВМРО-ДПМНЕ сфати дека со политиката на отфрлање на антифашизмот нема што да бара на македонската политичка сцена. Фашистите се постојано поразувани тука. Од оние во 45-та, па се до последниот, претходникот на Мицкоски на позицијата прв човек на ВМРО-ДПМНЕ и државата, што на крај избега поразен во Будимпешта.
Затоа, без оглед дали Мицкоски го прави ова како лична заложба, политичка промена или за да ѝ се допадне на публиката, треба да се охрабри и да му се честита.
Но, честитките, пред сè одат, на адреса на целото општество, кое успева да наметне ваква промена кај партијата, која за свој идеолошки столб ги има најдесните идеи од традицијата на историското ВМРО, и, од формирањето до сега, со ретки периоди на „мирување“, постојано дејствува како екстремна десничарска партија.
Само, кажете му на Мицкоски, дека со „клетите Шиптари“, „Циганите“, „Чиста Македонија“, „комуњари“, и разно разни мисли што се вредносни „кодови“ на многу негови сопартијци, нема антифашизам. А, доколку нема вредносна промена, и оваа честитка ќе биде само уште една гола-вода лага, еден од многуте примери за лицемерие на партијата што ја предводи.
Такво „фарбање“ тешко поминува во антифашистичка Македонија. Новооткриениот антифашизам на ВМРО-ДПМНЕ е сега на тест. Времето бргу ќе покаже, дали честитката на Мицкоски била искрена, или не.
#SledeTene
#VictoryDay
#SFSN
#MidnightExpress