Пред неколку дена, ЦИВИЛ Медиа упати прашања до Делегацијата на ЕК во Скопје за последното истражување „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, според кое поддршката за пристапување во ЕУ меѓу граѓаните во земјава која е намалена на 53, а во минатото била над 70 проценти. Во одговорот на канцеларијата на ЕУ во Скопје, се вели дека одложувањето на почетокот на преговорите несомнено е дел од причината за разочараноста на граѓаните.
Разбирливо е дека луѓето се нестрпливи за напредок, имајќи предвид дека го гледаат патот кон членството во ЕУ како најдобра гаранција за демократски и економски развој на земјата, како и дека земјата веќе има оценка дека ги исполнила критериумите за да се дозволи почеток на преговорите. „Направен е прогрес во изминатите месеци и ги поддржуваме напорите на Словенечкото претседателство со Советот да ја деблокира ситуацијата најскоро што е можно“, велат од Делегацијата на ЕК во Скопје.
Во однос на прашањето што може да се направи во насока на подобрување и зголемување на довербата на граѓаните во ЕУ, од Делегацијата во Скопје велат дека откога ќе почнат преговорите, фокусот на јавноста ќе се сврти кон самиот процес, реформите што треба да се спроведат за да се напредува на патот кон ЕУ.
„Овие реформи – кои веќе се во фаза на имплементација – се сеопфатни, во областите како што се владеењето на правото и правдата, административните реформи, зелената агенда и животната средина, инфраструктурата и конкурентноста на економијата. Покрај приближувањето на Северна Македонија кон ЕУ, тие треба да обезбедат опипливи докажани придобивки за граѓаните“, оценуваат од канцеларијата на ЕУ.
Според нив, во овој контекст, ЕУ, исто така, има работа која треба да ја заврши, заедно со властите, во објаснувањето што подразбира процесот на пристапување во ЕУ, како функционира ЕУ во пракса и кои права и одговорности произлегуваат од членството.
„Треба заедно да продолжиме да покажуваме како ЕУ и помага на Северна Македонија да ја постигне целта за пристапување во ЕУ, вклучително и преку значителна помош од ЕУ. И, ние треба да ги надградиме напорите што веќе ги преземаме за да допреме низ целата земја, насочувајќи се кон различни групи, особено младите луѓе – кои сепак се идни граѓани на ЕУ – слушајќи ги нивните ставови и објаснувајќи како да се подготват за членство“, истакнуваат од Делегацијата на ЕК во Скопје.
ЦИВИЛ медиа исто така упати прашање до канцеларијата на ЕУ, дали Северна Македонија е мета на влијанија од антизападни центри на моќта и во што се состојат тие влијанија. Според нив, вообичаено е во меѓународните односи да се зборува за натпреварувачки сили кои што бараат начини да ги искористат тешките ситуации за да го зголемат нивното влијание и да протуркаат различни визии за земјата, честопати правејќи го тоа преку дезинформации и лажни вести. „
„Северна Македонија не е исклучена од овој феномен, но ЕУ смета дека земјата и со зборови и со дела ја покажа својата цврста приврзаност кон исполнување на евроатлантските амбиции на своите граѓани. Не очекуваме дека нарушувачките напори на конкурентските влијанија ќе направат значителен напредок“, оценуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Диана Тахири