Во врска со мојата денешна колумна „Мува не нè лази!“, во која се обидувам да ја подигнам јавната свест околу важноста на починатиот американски претседател Џорџ Х. В. Буш за македонската историја на државно осамостојување, наспроти само протоколарниот третман што таа вест ја доживеа во македонската јавност (вклучувајќи го и недостатокот на реакции од надлежните државни органи), експресно стигна демант од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, во кој се вели дека „Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 1 декември 2018 година упати писмо со сочувство до Џорџ В. Буш, поранешен Претседател на Соединетите Американски Држави, по повод смртта на неговиот татко, Џорџ Х. В. Буш, поранешен претседател на Соединетите Американски Држави. Текстот на писмото е објавен на веб-страницата на Претседателот на Република Македонија.“
Проблемот со овој демант е фактот што текстот на писмото со сочувство НЕ БЕШЕ ОБЈАВЕН на веб-страницата на Претседателот на РМ до моментот на пишувањето на мојот текст (четврток, 6 декември, 24:00 часот), туку тоа е сторено откако мојот текст се објави на страницата на Цивил Медиа, утрово во 8 часот. На таа веб-страна беа објавени писмата со сочуство од Претседателот, до нивните семејства, по повод смртта на нашите големци Горан Стефановски, Блаже Ристовски и Љубиша Георгиевски, но не и до семејството на Буш и, занимливо, семејствата на починатите академици Иван Катарџиев и Боро Митриќески.
Слична е и состојбата со официјалната веб-страни на Владата на РМ и на Министерството за надворешни работи на РМ, каде нема објави со сочувство до семејството Буш, иако премиерот Зоран Заев упатил пригодно писмо со сочуватво на 1 декември, а министерот Никола Димитров тоа го направил со лична твит-објава.
Добив и фотографии од пратеникот Влатко Ѓорчев кој, во приватно својство, бил да им се поклони на изложените останки на претседателот Буш во Вашингтон.
Токму тоа и го кажува мојата колумна: важноста на ликот и делото, за Македонија, на 41-от американски претседател Џорџ Х. В. Буш не соодветствува на начинот на кој не само протоколарно, туку и во дискреција од македонската јавност, беше проследена таа вест кај нас.
Во таа смисла, можам само да додадам дека сме „Библиски народ“, со куса меморија. Нам ни нови апостоли не ќе можат да ни помогнат, оти модерните историски библии не се пишуваат со апокрифни текстови на државните и партиските кабинети, туку со јавно и јасно изразена почит кон оние кои го поддржале тешкиот, мирољубив пат за наша државна самостојност.
Поздрав,
Сашо Орданоски
новинар