Мариглен Демири од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје на конференцијата „За општество ослободено од корупција“ ги поддржа ставовите на професорката Мирјана Најчевска, велејќи дека ако се прашува тој би ја кандидирал за претседател на државата.
„Јас би одел со една поширока дефиниција, ние сме корумпирани во свеста и нам ни нема чаре! Тоа со законите и правилниците коишто се пишуваат и подготвуваат, веќе го знаеме, ‘да је било све по закону’! Тие приказни веќе ги имаме поминато. Барем јас, едно седум години сум ги испаткал по протести, по улици, па добро знам што значи тоа ‘по закон’. А и законите ги пишуваат луѓе, а луѓето се смртни, така што мислам дека се се менува“, вели Демири.
Демири е дециден дека кога имаме една политичка партија како што е ДУИ во власта, за корупција можеби може да се зборува, но врзани ни се рацете и нозете.
„Тоа не значи дека вие не треба да се борите против ДУИ. ДУИ е коруптивен политички фактор, а корупцијата не значи една процедура или уништување на една процедура, таа значи многу елементи вткаени во една основа којашто подоцна создава пракси. И тие пракси се менуваат како што се менуваат сите концепти, па макар и животот се менува. Концептот тука значи и мито, и кронизам, непотизам и различни видови на поткупување и на создавање на една многу неподнослива ситуација во државата. И за ова мора да зборуваме!“ рече Демири.
Тој преку примери за корупција во здравството, но и во многу други сегменти, зборуваше за проблемите со менаџментот и концептите на решавање на проблемите во општеството.
„Буквалното фаќање и носење на Крсто Мукоски во Парламентот на гласање е корупција! Јас не знам вие како гледате на тоа, но тоа е корупција! Кога имаме вработување на некадарни професори во образование, кои се вработуваат по некакви феудални принципи и релации. Затоа и имаме неписмени луѓе. И никој не зборува за тоа, а зборуваме за некои процедури, кои полека полека се ништат и се редуцираат на некаква комисија, којашто ќе си изгласа таму нешто, а нашата држава и општеството не се менуваат. Нема никаква разлика меѓу 2016 и 2018 година освен некои минимални промени коишто сите знаеме дека се неесенцијални по животот на луѓето“, заклучи Демири.
Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети