Ситуацијата за време на протестот што со одржува под мотото „Ултиматум – Не благодарам“ вечерва ескалираше и пред Собранието на Република Северна Македонија. Дел од демонстрантите се степаа меѓу себе. Кон полицискиот кордон што ја обезбедува собраниската зграда беа фрлени димни бомби, петарди и шишиња. За МИА од МВР потврдија дека се повредени двајца полициски службеници кои се хоспитализирани.
Според полицијата, приведено е и едно лице кое се движело кон Собранието носејќи чекан и камења со себе.
Учесниците на протестот претходно запалија транспарент со фотографии на пратеници на кој пишуваше „предавници“.
Протесниот марш почна пред Владата, од каде демонстрантите се упатија кон Министерството за надворешни работи, каде луѓето што протестираа оставаа ружи пред полицијата и потоа продолжија пред Собранието.
На раскрсницата пред плоштадот „Скендербег“ на влезот во Старата скопска чаршија дојде до меѓуетнички пресметки меѓу демонстрантите и група луѓе, но полицијата интервенираше и ги раздели групи, спречувајќи евентуален поголем инцидент.