„Најдобар помеѓу вас е оној кој се однесува добро со жената“, рекол пророкот Мухамед а.с.
Често за жените се користи изразот „понежниот пол“ и искрено се замислувам како ние мажите, односно „посилниот пол“ ќе ја издржиме менструалната болка, кога за една обична настинка од кревет не стануваме по неколку дена. И секако додека сме настинати за нас се грижат нашите мајки, сестри, жени… Мислам дека мажите би си донеле закон да имаат три слободни дена и да не одат на работа додека им трае менструалниот циклус.
Мажите кога ќе се прејадат (дома или во кафана), цел ден лежат за да им „легне јадењето“ и се жалат колку им е тешко во стомакот, а жената која носи девет месеци бебе во стомак е „понежниот пол“!
Ми текнува на една случка од пред десетина години. Тогаш на мајка ми и дадоа расипано млеко, таа со се тенџерето отиде во локалната продавница и му го врати на продавачот, цитирам: „Ако вие го испиете ова млеко, тогаш и на моите деца ќе им дадам да пијат“! Секако и се извини за расипаното млеко, меѓутоа никогаш повеќе во таа продавница не се продаде нешто со поминат рок или нешто расипано. Татко ми никогаш не би го направил тоа, дури и се налути што таа отишла да се кара за „30 денари млеко“. Мајка ми му одговори – „Не е за парите, за принципи се работи“.
Оваа постапка на мајка ми ме научи дека жените на било кој начин, треба и мора да се изборат за своите права. Со молчење ништо не се постигнува!
Колку и да ни е тешко на нас мажите, мора да признаеме дека жените се всушност – посилниот пол.