Советот на Општина Охрид денеска ќе одржи вонредна седница на која ќе се гласа за одлуката утрешниот ден, понеделник, да биде прогласен за ден на жалост во Охрид. Комеморативна седница по повод смртта на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, ќе биде одржана во понеделник со почеток во 10 часот.
Посмртните останки на охридскиот градоначалник ќе бидат изложени во Градската капела во понеделник од 12 часот, а погребот е закажан од 14 часот на Градските гробишта во Охрид.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски бил во својот кабинет, каде одржувал работен колегиум, по што му се слошило и бил пренесен во Општата болница. Од Интерно одделение на болницата бил транспортиран во Кардиолошки завод, а починал за време на транспортот.
Стојаноски беше професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а градоначалничката функција ја вршеше од 20 октомври минатата година, по победата во првиот круг од локалните избори.
Стојаноски, роден на 7 август 1970 година во Охрид, беше оженет и татко на две деца.