Меѓународниот ден на лицата со попреченост во Македонија се одбележа со низа активности како од граѓанските здруженија, така и од надлежните институции чија примарна цел е грижата за овие лица. Многу општини не пропуштија да го одбележат овој ден претежно со донирање во центрите што се грижата за овие лица.
Во Владата на Република Македонија се одржа настан „Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост“. Своие обраќања имаа премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, Националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост Спасе Додевски, шефот на делегацијата на Европската Унија Самуел Жбогар и претставник на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, Чедомир Трајковски.
Во канцеларијата на Народниот правобраниетл се презентираше Извештајот од спроведеното истражување за вклученоста на децата со попреченост во предучилишното образование, кој е изготвен врз база на податоците од анкетните прашалници доставени до сите предучилишни установи во Република Македонија.
Овој Меѓународен ден е се одбележа и на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје каде меѓу другото се организираше и хуманитарна ликовна работилница со студентите од Факултетот за ликовни уметности.
Уставни амандмани
СО 63 гласа „за“ денеска во Собранието се излгаса и третиот нацрт амандман за уставни промени. За нацрт амандманот 35 на Уставот: „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, 14 беа против, а двајце беа воздржани во гласањето.
Собранието веднаш продолжи со расправа за четвртиот амандман кој се однесува на иселениците. Пратениците според овој амандман ќе расправаат за „Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.
Пред Собрание допрва ќе се протестира
Иако изутринава протестираа само празни шатори пред Собранието, блокирајќи го сообраќајот, тоа не ги исплажи пратениците да гласаат за уставните промени предвидени со нацрт – амандманите. Сепак, за среда, 5 декември, со почеток во 17 часот, ВМРО – ДПМНЕ најавува протест.
Овојпат целта на протестот, како што велат во повикот, се економските црнила, против сиромаштијата и зголемените даноци.
Штрајк
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ), денеска преку штрајк го искажаа своето незадоволство од одлуката на претседателот на судскиот совет, Зоран Караџовски кој извести дека судиите ќе го добијат надоместокот од 35 проценти за месец ноември. Со оваа одлука судските работници се повторно исклучени иако министерката Рената Десковска им ги ветила измените во законот со кој и тие ќе добиваат надометок.
Останува пречка како судскиот совет ќе им ги врати парите од скратените плати за време штрајкот во 2016-та.
Здравството со маски ќе се брани од загадувањето
Министерот за здравство Венско Филипче, денеска изјави дека се разгледува алтернатива и се собираат податоци за тоа која ризична група граѓани може дополнително да се заштити од аерозагадувањето со специјални маски.
Од тие податоци зависи и како ќе се набават маските и како ќе се распределат. и кога ќе ја имаме таа бројка ќе видиме на кој начин ќе може да ги набавиме и да им ги поделиме, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има дополнителни мерки за превенција на здравјето на граѓаните.
ЦИВИЛни активности
ЦИВИЛ денеска на прес конференција објави детали за Месецот на активизам за човековите права во текот на целиот месец декември. секој ден од декември, ЦИВИЛ ќе потсетува на членовите на Универзалната декларација за човековите права.
ЦИВИЛ повикува да се одбележуваат сите денови во годината на сличен начин, односно секој прв ден од месецот да биде посветен на соодветен член во Универзалната декларација за човековите права и така со ред, до последниот Член 30 од Декларацијата.
Најмалку што може да се направи е секој ден да се споделува по некој член од овој меѓународен документ во статус на социјалните мрежи, но може да се пишуваат и есеи, пораки, колумни и информации за случаи на кршење на човековите права и слободи. Затоа, фотографии и видео записи од граѓанските новинарки и новинари се повеќе од добредојдени за напорите да се разоткријат и разобличат ваквите случаи.
Б. Јордановска