„Излеговме од еден режим кој долги години градеше еден однос кон жените како репродуктивно средство. Ако ги погледнете физички, многу големи остатоци од режимот, Скопје 2014, ќе забележите многу мажишта и многу малку ќе видите присуство на жената… една манифестација која многу очигледно и отворено манифестираше, промовираше политика, став и однос на таа власт кон жената. Многу димензии можат да се спомнат, особено односот кон работничките права на жената. Токму пред 110 години сè започна со текстилните работнички, кои во денешно време, во Република Северна Македонија се дискриминирани, слабо платени, физички малтретирани во одредени случаи и се олицетворение на тоа во каква позиција се жените во нашата земја“, изјави Џабир Дерала на панел-дискусијата „Борба, не кафана“ во организација на ЦИВИЛ.
„Од искуството на ЦИВИЛ, јас како раководител на оваа организација, можам да ви кажам дека во нашата набљудувачка структура, во контекст на изборниот процес кој ни претстои, во големо мнозинство, над 60%, се всушност жени. Жените во изминатите изборни процеси се покажаа како подобри набљудувачки, похрабри, подобро гледаат, подобро ги пишуваат извештаите, никако не се подложни на корупција или на притисок и во ниеден момент не покажале слабост или страв да го соопштат тоа што го гледаат на теренот.
Сметам, врз основа и на моето животно искуство, дека жените се подобри од нас мажите, нивното размислување е комплексно, тие се посолидарни..“, изјави Дерала.
Според Дерала, борбата мора секој од нас да ја води и особено оние што се од другата страна на родовата палета.
„Ако сакаат мажите да имаат повеќе права, мора да знаат дека нивните права одат преку женските права. Инаку, нема никој да има човекови права, бидејќи тие се неделиви. Тие не гледаат ниту род, ниту старост, возраст, ниту социјална или било каква позадина или потекло…“, истакна тој.
Биљана Јордановска (текст, фотографија, монтажа)
Камера: Дехран Муратов