Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала на конференицијата „За општество ослободено од корупција“ во своето обраќање се осврна на човековите права и слободи и нивното кршење во спрега со една од најнегативните општествени појави – корупцијата.
„Ако на една страна ги поставиме човековите права и слободи, а од другата страна погледнеме кој е најжестокиот противник на човековите права и слободи, всушност, тоа е корупцијата. Во сржта на најнегативните појави во општеството се наоѓа токму корупцијата. Борбата за правда, борбата за законитост, борбата за владеење на правото всушност е борба против корупцијата. Тие борби се всушност сите обединети во една и единствена тема, која е најжешка, не само во Македонија, туку и во светот, а тоа е корупцијата. Ако погледнеме каде почнува еден коруптивен циклус, можеме да повлечеме една линија и да видиме каде почнува се во едно општество, во еден систем, а тоа се изборите. Во изборните процеси ги гледаме сите симптоми за тоа како ќе се одвива животот на граѓанките и граѓаните до наредните избори. На изборните процеси се гледа целата мака на општеството. Тука е и коренот на проблемите во нашето општество“, истакна Дерала.
Тој е дециден дека иако можеби постои огромен простор за интервенции во Изборниот законик, се уште изостануваат параграфи кои се однесуваат на тоа кој, колку и на кој начин одговара за лошото спроведување на Изборниот законик, односно киднапирањето на законитоста на еден изборен процес.
„Кога го гледате тој изборен процес, така контаминиран од коруптивни влијанија односно постапки, тогаш гледате како ќе изгледа и наредниот период, во времето меѓу два изборни процеси. А кога сме кај изборните процеси, она што ние најчесто го откриваме и веќе се извештивме во тоа да детектираме случаи на купување на гласовите. Знаете, многу е тажно кога ќе се открие дека голем дел од гласовите кои биле купени всушност чинат, сè на сè, 500 денари“, вели Дерала.
Тој потоа зборуваше за членот 162 од Кривичниот законик каде во првиот член стои дека купувањето гласови е казниво по закон и може да се лежи и до 5 години затвор, но и за вториот параграф од истиот член во Законот каде стои дека доколку е мала материјалната полза од поткупот, тогаш таа казна може да биде до една година затвор или да се плати парична глоба.
„Но, тука не е крај, во третиот параграф стои дека доколку сторителот на ова дело е правно лице, тогаш казната е парична глоба. И тука го гледате почетокот. Значи на некој начин ‘легално’ ги купувате гласовите и потоа ако ве фатат само дополнително ќе ви влезе тоа во буџетот за кампања и продолжувате понатаму. Deal oriented би рекол еден од најпознатите бегалци од законот“, продолжи Дерала.
Како еден од најголемите проблеми на општеството Дерала ја истакнува партизацијата на системот, каде политичките партии ги детерминира како носители на вирусот, на контаминацијата на општеството, кои ги окупираат институциите, а со тоа создаваат и плодна почва на неограничени можности за една таква активност како што е корупцијата.
„Партизацијата не застана само на системот, туку политичките партии го окупираа и општеството и просторот за граѓанско организирање. Во таа спрега на корумпирани и партизирани институции, општеството зависи од мали кругови на моќници, и се создава политичка култура во која се негуваат и охрабруваат криминалот и корупцијата“, заклучи Дерала.
Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети