Околу влијанието на резултатите од предвремените парламентарни избори во Грција, разговаравме и со претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
„Секоја политика на една држава влијае на соседните држави, па и пошироко, се разбира. И во тој контекст, особено важно е дека треба да се очекува извесна промена на политиките на Република Грција кон Република Северна Македонија. Од она што не мора да се плашиме е тоа дека Мицотакис сигурно нема да оди против договорот од Преспа, иако самиот беше голем противник на тој договор. Тој, сепак, е свесен дека неговата држава е дел од Европската Унија и дека, колку и да е турбулентна и балканска, грчката политика има извесно искуство и традиција во која се почитуваат барем некои основни темели на она што значи меѓудржавен договор“, смета претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Според него аргумент плус во оваа насока е фактот што не се работи исклучиво за договор меѓу две држави, туку дека тоа е договор што е спонзориран и за него гарантираат многу сериозни и големи држави и сојузи.
„Она што може да се очекува е сериозно поместување на политиките во Грција со доаѓањето на еден десничар, кој припаѓа на една позната политичка фамилијарно клановска структура, која секако дека има националистички и десничарски погледи, ставови, политики и практики. Тоа ќе влијае на нашите односи, ќе влијае на начин на кој сегашната грчка политичка структура ќе бара извесни отстапувања, а можно е и извесно успорување, односно блокирање на некои делови од процесите во кои се наоѓа Република Северна Македонија сега, а и во иднина“, вели Дерала.
Тој смета дека е за очекување и тоа дека Грција како држава ќе има поголеми проблеми со човековите права и слободи во наредниот период, и дека тоа секако може да се одрази и во односите меѓу двете земји.
„Што се однесува до самите избори, одлична вест е што Златна Зора, грчките нео-нацисти, не влегоа во Парламентот, но тоа од друга страна може да значи дека тие ќе бидат малку помалку под контрола на она што се нарекува парламентарна демократија во една земја. Можно е да се очекуваат инциденти кои може да ги засегнат и нашите граѓанки и граѓани кога одат во посета на Грција. Но, од друга страна лоша вест во поглед на грчката ултрадесница е што сепак, иако со далеку помал број на пратеници, влегоа две про-руски, ултра десничарски партии, кои не се разликуваат премногу од она што претставува Златна Зора“, вели тој.
Дерала смета дека е за очекување дека грчките десничари ќе дејствуваат охрабрувачки и поттикнувачки за десничарите во Република Северна Македонија.
„Звучи контрадикторно, но впрочем, оној хаштаг #Мицкотакис и не е измислен сосема случајно…“, поентира тој.
Маја Ивановска
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.