На деветтото издание на Конференцијата за интегритет на информации – DISICON 9, која се одржа на 8 и 9 декември 2025 година во Приштина, во рамките на тематската сесија „Elections Rewired: AI, Ethics, and Democracy“, учесниците разговараа за тоа како вештачката интелигенција ја менува динамиката на изборните процеси, транспарентноста и демократската одговорност. Експерти од регионот ги споделија своите искуства за етичките предизвици од употребата на АИ во политичката комуникација, влијанието врз гласачите и надгледувањето на изборите.
Во овој контекст, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, говореше за клучните трендови забележани на локалните избори во 2025 година:
„Локалните избори во Северна Македонија беа избори со многу високи влогови, а доминантните наративи во јавната комуникација беа национални теми. Националните прашања целосно го презедоа локалниот карактер на изборите. Забележавме и значајна присутност на содржини генерирани со вештачка интелигенција. Дипфејк видеа се користеа во текот на целата кампања, најчесто со цел дискредитација на политички противници,“ истакна тој.
„Вештачката интелигенција на овие избори не ги дефинираше изборните процеси – нешто што веројатно ќе стане неопходно во блиска иднина. Она што беше очигледно е дека АИ беше интензивно користена за оперативни цели. ПР-тимовите и агенции масовно користеа АИ за генерирање говори и политички пораки. АИ се употребуваше и за манипулирање на алгоритмите на социјалните мрежи – и тука лежи најсериозниот проблем. Кога се вклучуваат АИ-технологиите за влијание врз граѓаните, манипулацијата не е секогаш видлива, но е длабоко значајна. Тоа е алатка која понекогаш знае повеќе за вас отколку што знаете самите,“ додаде Дерала.
DISICON 9 ја отвори дебатата за тоа како новите технологии може да ја зајакнат демократијата, но и како можат да создадат нови ризици, особено во услови на растечки дигитални закани, хибридни влијанија и родово засилени дезинформации.
Конференцијата, организирана од Националниот демократски институт (NDI) со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и партнерите од ЕУ, Советот на Европа, ОБСЕ и други меѓународни организации, претстави низа практични алатки и препораки за подобрување на интегритетот на информациите и изборните процеси во дигиталната ера.












