„Сметам дека треба многу да се внимава во уредувањето на Уставот да не се остави простор за непосредно, па можеби дури и посредно делење на луѓето по етничка основа. Или пак дискриминацијата да најде свое уточиште во некој спореден став во параграфите на Уставот. Кога веќе е отворен Уставот и кога веќе Македонија на големо го промовира концептот на едно општество за сите, да не биде едно општество за сите етнички заедници, туку да биде едно општество за сите граѓанки и граѓани“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ на првата јавна расправа за уставните промени што денеска започна 16 часот во Владата на Република Македонија.
Сметајќи го Уставот премногу машки, Дерала истакна дека би сакал да види како Уставот ги промовира граѓанките и граѓаните како еднакви и суверени чинители на оваа држава.
„Етничките заедници се само еден од идентитетите кои ги има во едно општество“, потенцираше Дерала.
Први што говореа на јавната расправа беа премиерот Зоран Заев и универзитетските професори Љубомир Фрчкоски и Владо Поповски. Најавени се пет јавни расправи за четирите нацрт-уставни амандмани, освен во Скопје ќе се одржат и во Штип и Тетово.
Владата ќе треба да достави Извештај до Собранието, по пет дена, а потоа претседателот на Собранието Талат Џафери за 30 дена треба да закаже пленарна седница на која е потребно двотретинско мнозинство за да се усвојат уставните измени.
Б. Јордановска