Во основниот суд Скопје 2 денеска се одржа рочиштето во кое политичката партија Левица го тужи новинарот и активист Џабир М. Дерала за клевета. На денешното рочиште беа презентирани и завршните зборови на тужителот и тужениот, а пресудата се очекува да биде изречена за 8 дена, односно на 26 ноември.
„Што се однесува до мојата одбрана од тужителот, партијата Левица, останувам на тоа дека како во мојата одбрана, така и во тоа што го работам секојдневно, што го пишувам, што го изразувам слободно своето мислење, го бранам јавниот интерес, ги бранам правата на граѓанките и граѓаните на Република Северна Македонија да имаат пристап до информации и да имаат целосен пристап до правда. Тоа што партијата Левица го прави е крајно некоректно, покажува една нервоза која е во насока на ограничување на слободата на мислењето… Сметам дека тужењето на новинар за изречен збор, за вредносен суд е најблаго кажано, антидемократски потег кој не и личи на ниедна политичка партија“, изјави Дерала.
Инаку, тужбата на Левица за клевета се однесува на колумната на Дерала, во рубриката РАФАЛ, на ЦИВИЛ Медиа, објавена на 22.11.2018 под насловот „Иде циклонот Девица“.
Б. Ј.
Камера: Ариан Мехмети