„Ако сакате да аплицирате за извод за матична книга на родени и ако ја погледнете нивната страница, ќе видите дека таа не е безбедна, ќе видите дека има големи проблеми. Тоа е индикатор дека Македонија сè уште не стигнала до некои основни нивоа на безбедност и на квалитет на новите технолошки решенија. Убаво е да се сонува, но дајте да ја погледнеме реалноста, а потоа и да планираме нешто“ – изјави Џабир Дерала, ЦИВИЛ, за медиумите, на маргините на стручната тркалезна маса „Примена на нови технологии во изборните процеси“ во организација на Државната изборна комисија.
„Сајбер војната во овој контекст е најголемиот непријател на демократијата“ изјави Дерала, говорејќи за современите предизвици во доменот на новите технологии.
„Убаво е да се има високо развиена технолошка база и да се користат сите тие технолошки решенија. Но, мора да имате предвид дека човекот е прв и последен во целата приказна. Во оној момент кога ќе имате макар и еден човек на кој ќе му биде загрозено човековото право на глас, особено ако причините се од технолошки карактер, тоа е веќе девалвирање на целиот систем“ – истакна Дерала.
Како пример, Дерала го посочи отсуството на претседателот на Собранието, Талат Џафери, од Избирачкиот список и потсети дека илјадници граѓанки и граѓани биле оневозможени да гласаат од слични причини, наспроти многуте технологии, датабази и вкрстувања што се извршија за време на изборните процеси, а кои не дадоа резултати. На крајот, тој беше дециден: „Државата има обврска да го овозможи правото на глас на сите граѓанки и граѓани“.
Биљана Јордановска
(текст, камера, монтажа, фотографија)