Илјадници припадници на арапското национално малцинство во Израел протестираа вчера во Тел Авив поради новиот закон, со кој Израел се дефинира како држава-нација на еврејскиот народ.
Според израелските медиуми, на собирот учествувале над 30.000 луѓе.
Овој закон го разлути арапското национално малцинство во земјата и предизвика критики од меѓународната заедница.
Учесниците на протестот се собраа на Плоштадот Рабин, носејќи палестински знамиња и транспаренти на кои на хебрејски и арапски јазик пишувало „Еднаквост“.
Арапското малцинство во Израел сочинува една петтина од вкупното население, а составено е главно од потомци на Палестинци, кои останале на нивна територија по војната во 1948 година, за време на создавањето на модерната држава Израел.
Тие сметаат дека новиот закон од нив прави граѓани од втор ред.
– Станува збор за расистички закон кој потсетува на апартхејдот во Јужна Африка, изјави Мухамед Бараке, претседател на Високиот одбор на израелските Арапи.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поддржа законот во кој се наведува дека единствено Евреите имаат право на самоопределување во земјата и се укинува арапскиот јазик од листата на официјални јазици. (МИА)