ГОРАН ВОЛКАНОСКИ
Последниве случувања во нашата „одговорна“ опозициска партија вмро-дпмне, ме врати во далечната 1999-та година.
Тогаш, загрижен за иднината на државата, без никој да ме наведе на тоа, решив политички да се ангажирам. Да станам политички активен! Поведен од загриженоста за иднината на државата во која живеам, отидов во седиштето на СДСМ и извадив членска книшка. Не затоа што ја идеализирав СДСМ и мислев дека е безгрешна и идеална. Туку поради генералните определби на СДСМ кои беа на линија на моите гледања, во какви општествени околности сакам да живеам! И поради мојот внатрешен порив. Порив кој произлегуваше од моите принципи. Принципи кои ме определуваа и сè уште ме определуваат во животот. Тие определби беа и сè уште се, Македонија интегрирана во западните безбедносни и економски сојузи! Македонија како демократска, слободна земја, во која никој нема да се плаши да го изнесе својот став.
Се ова, како предуслов за просперитетна иднина која ќе обезбеди достоинствен живот на нашите граѓани, ТУКА! А, со самото тоа и иднината на нашата држава! За што вербално сите политички фактори во минатото се произнесуваа, ама само некои од нив и практично одработија за реализација на овие цели!
Ова што деновиве се случува во дворот на вмро-дпмне, е само резултат на нивните внатрешни контрадикторности и ретроградни политики. Тие имаа шанса да еволуираат. Да станат прогресивна десничарска партија. Предуслов за тоа беше да расчистат со своето минато! Минато исполнето со низа противречни, дискриминаторски, анахрони политики, засновани на градење на илузии! Илузии создадени само со една и единствена цел! Злоупотреба на националните чувства за приграбување и доаѓање на власт! Власт, само заради власт, сама по себе! Не заради остварување на клучните претпоставки кои ги отвораат перспективите за просперитетна иднина! Не!!! Извинете, ама, во политичка и во секаква смисла, за тоа требаше да се има „мадиња“! За тоа требаше да се покаже нешто многу повеќе отколку гола националистичка, популистичка реторика, со која се освојуваше власта и се опстојуваше на власт!
Кога пред десеттина години на чело на СДСМ дојде Зоран Заев, со јасна одредница која имаше за цел, конечно ставање на Македонија на колосекот кој не води кон првично спомнатите безбедносни и економски сојузи(НАТО и ЕУ), немав дилеми дека, за оваа цел вреди секоја жртва.
Со цело свое битие влегов во таа борба. И, ГОРД СУМ НА СВОЈОТ ПРИДОНЕС! Ниту во еден момент не сум имал дилема околу исправноста и учеството во таа борба!
Искрено, ќе бев многу среќен доколку немаше да има потреба од тоа, доколку немаше да има потреба од толку многу потрошена енергија, толку многу потрошено скапоцено време за реализација на овие клучни цели кои доколку наспроти себе не ја имавме деструктивната политичка матрица на вмро-дпмне, денес веројатно веќе ќе бевме дел од ЕУ и од прогресивниот свет!
Македонија, и сите ние сме заложници на една анахрона политичка организација која ниту имала, ниту има храброст да се соочи со сопствените небулози и анахрони политики кои имаа и имаат само една цел. Манипулација со националните чувства заради остварување на политички поени и доаѓање на власт!
Власт заради власт! Не Власт за реализирање на стратешките интереси!
Сè што правеше, сè што прави оваа анахрона политичка организација е една голема ДЕСТРУКЦИЈА! Во спротивност на процесите на наше етаблирање и интегрирање во светот. Интегрирање кое ќе ја обезбеди, не само нашата иднина, туку и ќе овозможи достоинствен живот на нашите граѓани, тука!
Дали случувањата во „најмакедонската“ партија, ќе кулминираат со нивно конечно еволуирање кон создавање на партија со европски вредности, или ќе оди во правец на нивно атрофирање, ќе видиме за брзо! Мислам дека геостратешките интереси на големите и можните ризици, по Балканот и Европа, нема да им остави простор за луксузирање, каков што имаа минативе триесетина години нашиве „патриоти“ од вмро-дпмне!