пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
10 години, речиси секој ден, две партии – левата и десната рука на МВРО сосе моќните агит-проп машини пукаат од сите оружја врз една граѓанска организација, честопати посилно од што пукаат врз нивните реални политички противници, со кои (би требало) да се натпреваруваат за гласот на граѓаните на избори.
Веќе 10 години, ЦИВИЛ и неговите членови се цел на разни напади – од инспекции, разни тужби и институционален притисок, преку жестоки јавни хајки со навреди, клевети, лажни вести, обиди за хакирање и оневозможување на медиумските платформи, па се до обивања, кражби и вандализирања на просториите, закани по семејствата и обиди за физички напади.
Деновиве ЦИВИЛ е цел на специфичен „хумористичен“ сајбер напад, со создавање на лажни профили на Твитер, крадење на логото и идентитетот на ЦИВИЛ, и постирање „смешни“ содржини кои немаат врска со ставовите, текстовите и содржините кои ги произведува организацијата или нејзините медиумски платформи.
Ако видите кој ги споделува објавите од лажните профили на ЦИВИЛ – ќе налетате на вообичаените ботови и пропагандистички профили на левата и десната рука на МВРО, чиј начин на функционирање го опишавме прилично детално во анализата на ЦИВИЛ за дезинформациите и говорот на омраза за време на изборниот процес.
Настрана шегобијците на левата и десната рука на мвро и нивното залудно потрошено работно време (кое веројатно го плаќаме сите ние). Мене ме интересира нешто друго, драги мои:
Две партии (и нивните спутници и други сателити), со над 400 илјади гласови заедно, да трошат толку години, луѓе, пари, работни часови, за да се борат со една невладина организација, која, замислете не е ниту финасирана од Сорос (ако не сте знаеле иако е милион пати кажано)? 10 години, од инспекции и разни јавни шиканирања и закани (за кои нормално никој не договара) до ставање на црни листи за ликвидација. И? Ништо. Чврч. Нула факти за сите изречени лаги, глупости и омраза.
Добро бе, мајку му стара, толку ли сме јаки?
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Тесктот е личен став на Авторот.