Се собрале куп будали на едно место и си играат држава. Држава во која ќе сме правеле едно општество, за сите…
Едниве се расфрлале со орли и ситење, другиве со лавови и клетви. Да ги собереш на едно место нема да извадиш материјал ни за шупа, а камо ли за држава.
И за трагедијата да биде поголема, им оставивме толку простор што наместо со суштински прашања, секојдневно се занимаваме со нивните глупости. А тие во меѓувреме си го живеат животот, оној де, што требаше да дојде за сите!
Во меѓувреме државата ни ја претворија во гранапче за ситни интереси на поединци и нивното височество политичките партии.
Вчера, една колешка, која е од оние „20%“ што го зборуваат албанскиот јазик, ама не е процент, пошто е човек (да ви се плукнам во бројките на коишто се радувате), ми рече дека сега, сметката за струја испишана на албански ќе ја плаќа со љубов и ќе ја бакнува! Се прашувам дали на тоа мислеше и Груби кога мавташе во живо на емисија со рачињата во форма на орел? Или, дали можеби мисли на бегството на оној кој се обиде да го убие Села во Собранието, додека го прави истото? Или, можеби сака да покаже радост дека по завршувањето на емисијата, ќе проба од надалеку прочуените арачиновски мафини на Миликије Халими? И, конечно, успеа ли да го научи својот идол Ахмети да го прави орелот, за да не се брука онака како на Денот на албанската азбука?
Добро бе, не ви се смачи додека се ги пребројувате орлите и вегетките, да ви се случуваат бегства од невидени размери, додека во затвор лежат гладни и болни? Додека се амнестираат најголемите криминалци во државава? Стана полесно да избегаш од затвор, отколку од час по математика.
Не ви се смачи да се расправате, со децении, за истата работа додека тие кои ве потпалуваат се пазарат за закон за институција која треба да се бори против корупцијата во земјава, ама е покорумпирана од сите институции заедно?
Бидете така, и мерете, ама човековата глупост нема да ја измерите, затоа што е бесконечна…