Денешното свечено одбележување на Денот на Републиката, кога се чествуваат 118 години од Крушевската Република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ, ги претставува двата столба врз кои се темели државотворноста на земјата, истакна претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери во обраќање на манифестацијата во Скопје пред Собранието.
Во неговото обраќање на чествувањето на Денот на Републиката пред Собранието, Џафери посочи дека празникот не е поврзан со одредено место во државата, туку тој живее и повторно се раѓа со секој нов ден и секоја нова генерација.
„Тоа што сме тука, а не сме во Крушево или во Пелинце или малку подолу пред споменикот на Методија Андонов Ченто не прави воопшто разлика во однос на важноста на овој празник, во однос на неговата долговечност или пак во однос на тоа каде се наоѓа духот на заедништвото, храброста, визионерството, односно тоа што претставува концепт којшто ги опишува заедничките вредности кои ги славиме и ги празнуваме“, рече Џафери.
Тој потенцираше дека нашата држава е спој на различности, каде секој уникатен дел расте и се развива врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите коишто живееле и биле дел од ова поднебје. Воедно, Џафери додаде дека низ годините растот и развојот на земјата не бил лесен да опстане и да се сочува мирот, како и да се зајакне безбедноста и сигурноста на границите на граѓаните и да се одржи економската стабилност.
„Република Северна Македонија колку и да е мала по територија има значајна геостратешка важност и не била надвор од глобалните случувања и доследно тие случувања се прелевале и имале влијание врз развојниот пат на државата. Меѓутоа, желбата за заедничка слободна и независна држава, држава во која почитувањето на човековите права и слободи ќе бидат подеднакво за сите граѓани без разлика на етничката, верската или која било друга припадност доведе до тоа и нашата земја да ја посочуваат како свето примарно успешна приказна во регионот“, нагласи претседателот на Собранието.
Со членството во НАТО, тој истакна дека државата се движи кон вистинскиот пат и оти биле донесени тешки државни одлуки што го деблокираа патот кон евроатлантската интеграција, што овозможи политичко созревање.
„Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани“, порача Џафери.
Прославата за Денот на Републиката, во главниот град започна со положување цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, пред Споменик на АСНОМ и пред споменикот на Никола Карев.