Врз основа на обработени 1 777 избирачки места, на кои од вкупно 1 013 357 запишани гласачи своето право го оствариле 93 219 граѓани, излезноста до 11 часот во вториот круг на локалните избори изнесува 9,21 отсто од запишаните гласачи, информираат од Државната изборна комисија (ДИК).

Излезеноста во Град Скопје, за изборот на градоначалник меѓу кандидатите на Левица и ВМРО-ДПМНЕ Амар Мециновиќ и Орце Ѓорѓиевски, изнесува 8,30 отсто односно на гласање излегле 35 097 избирачи.
Според информациите на ДИК, во првиот круг на локалните избори, излезноста во 11 часот во гласањето за градоначалници била 9,38 отсто, а излезноста во Градот Скопје пред две недели била 9,30 отсто.
По општини, најголема излезеност до 11 часот има во Општина Пробиштип – 22 отсто, потоа е Лозово 20,87, Демир Капија и Крушево се со 19,92 отсто, Ранковце со 18,29 проценти, Дојран има 17,43.
Најмала излезеност е регистрирана во Општина Сарај – 1,86 отсто, а потоа е Чаир со 2,67, Шуто Оризари со 5,93 и Куманово каде што до 11 часот излегле 6,42 отсто од гласачите.

Како што информираа од ДИК, гласањето засега се спроведува без поголеми проблеми. На едно изборно место во општина Дојран заради технички проблеми гласањето се спроведува со употреба на УВ лампа и спреј.
М. Д.











