Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, на средба во Брисел со постојаните претставници на земјите членки на Европската унија (КОРЕПЕР), порача дека Македонија е добра вест во време кога на Европа и требаат добри вести, да ја препознаеме шансата и да го направиме напредокот.
„На состанокот, Министерот Димитров, сумирајќи ги активностите во изминатата година, го поздрави засилениот фокус на Унијата врз Регионот на Западен Балкан и изрази очекување дека истиот ќе продолжи и следната година. Тој се осврна на активностите поврзани со имплементацијата на Договорот од Преспа и процесот на уставните измени, како и на клучните реформски активности, особено оние кои произлегуваат од јунските заклучоци на Советот на ЕУ. Притоа, Димитров ја нагласи посветеноста и решеноста, и покрај деликатноста на процесите да се продолжи по зацртаниот пат на европска интеграција“, стои во соопштението од Министерството за надворешни работи.