Денеска во Скопје се одржа годишната конференција на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Иституција… Како тоа гордо звучи!“.
Во текот на првата сесија со наслов „Подобрени процеси на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност” се обрати и директорката на Националната агенција Лидија Димова, која зборуваше за преструктуирањето на Агенцијата, во насока на постигнување на што подобри резултати.
„Вака како што е поставена Националната агенција не ни нуди доволно податоци според коишто ние можеме да направиме веродостојна анализа за тоа што сакаме за идните седум години. Тоа е така, затоа што структурата во институцијата е според програмата. Нашата анализа покажа дека не се добиваат соодветни податоци за да можеме да комуницираме со Европската комисија на едно друго ниво и затоа решивме да се преорганизираме. Структурата да биде според сектор, а не според клучна акција, затоа што така можеме да собереме повеќе податоци и да имаме јасна претстава што е тоа што сакаме да го постигнеме“, изјави Лидија Димовска на конференцијата, додавајќи дека новата Национална агенција има за цел да го даде својот придонес и во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија.
М. И.
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети