Државната комисија за спречување на корупција излезе со реакција на колумната на Сашо Орданоски, објавена на ЦИВИЛ Медиа .
Во продолжение реакцијата на ДКСК:
Во врска со текстот објавен на civilmedia.mk на ден 12 декември 2017 година со наслов: „Да виси ДКСК!“, Државната комисија за спречување на корупцијата реагира и ги осудува наводите содржани во текстот кои се насочени кон ширење на невистини, дискредитација и јавен повик за линч на Државната комисија за спречување на корупцијата и на нејзините членови.
Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека со ваквото информирање од страна на civilmedia.mk се прекршени принципите на професионалното и етичкото информирање и е создадена погрешна перцепција во јавноста, а повиците на линч се сериозен говор на омраза, кој е казнив со закон.
Тврдењата изнесени во наведениот текст се неточни и станува збор за елементарно непознавање на надлежностите, работата и постапувањето на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Државната комисија ве известува дека официјалната веб страна на ДКСК веќе 1 година е www.dksk.mk, а не страницата www.dksk.org.mk каде уредно стои дека таа страна повеќе не се ажурира и ќе постои како архива за податоци.
Државната комисија за спречување на корупцијата, која претставува самостојна и независна институција во вршењето на надлежностите определени со закон, постапувала и постапува во сите случаи каде што има индиции за несовесно работење и злоупотреба на службената позиција и овластувањата.
ДКСК спроведувајќи ги своите законски надлежности во делот на спречување на корупција во политиката, во вршењето на јавните овластувања и должности и во вршењето на работите од јавен интерес континуирано постапуваше по предмети и сите тие податоци се наведени во Годишните извештаи за работата на ДКСК кои се јавно објавени и достапни документи на веб страната на Државната Комисија и во нив може да најдете детални информации и податоци за работењето на истата.
Притоа, Државната комисија за спречување на корупцијата ја известува јавноста за преземените мерки и активности и за нивните резултати преку годишни извештаи, прес конференции, соопштенија за медиумите и преку нејзината веб страна која редовно се ажурира со најнови вести, а последната изјава од Претседателот на ДКСК д-р Тантуровски беше дадена во медиумите на 07.12.2017 година.
Со цел објективно и вистинито информирање на јавноста, Државната комисија за спречување на корупцијата бара од Вас да ја објавите оваа реакција и упатуваме апел за проверка на релевантноста и точноста на информациите пред нивно објавување и консултација со институцијата чие име се користи.
Притоа, Ве известуваме дека за ова ќе биде информирана Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, новинарски здруженија и сите релевантни институции кои вршат надзор врз работењето на медиумите, а повиците на линч се сериозен говор на омраза, кој е казнив со закон.
Исто така, Државната комисија за спречување на корупцијата бара од вашиот медиум да се повлече конкретниот текст и јавно извинување од авторот, во спротивно ДКСК ќе покрене судска постапка против вашиот медиум и авторот на текстот.