Претседателот на ентитетот Република Српска Милорад Додик, изјави дека, доколку тој биде осуден пред Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) за неприменување на одлуките на високиот претставник, РС ќе ја забрани работата на државниот суд и обвинителството, како и на агенциите за државна безбедност на територијата на тој ентитет, јавува Бета, пренесе ЦИВИЛ Медиа.
Одговарајќи на прашањето дали очекува немири во РС, Додик за телевизијата Пинк рече дека Република Српска ќе остане мирна.
„Ќе ги донесеме сите одлуки на ниво на парламентот на Република Српска, и можно е во некоја фаза да се одржи референдум за сето тоа“, посочи Додик.
„Ова не е борба на Милорад Додик, туку реакција на акцијата преземена од политичко Сараево“, рече тој и го спореди процесот против него со угнетувањето што го извршија Турците по Првото српско востание.
Доколку биде осуден, рече Додик, „РС ќе го откаже секое присуство на судот и обвинителството, Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) и други вештачки и вонуставни тела на ниво на БиХ, ќе ја забрани нивната работа на територијата на РС, ќе го донесе својот изборен закон и ќе направи се за да ги врати 83 јурисдикции на уставната позиција на БиХ“.
Тој рече дека судењето е „чист политички прогон и ќе одговориме со политички одлуки“ и оти смета дека „единствено правилно уставно-правно сценарио“ е да се прекине постапката во Судот на Босна и Херцеговина против него или да се донесе ослободителна пресуда.
Ако тоа не е случај, РС „ќе носи одлуки во согласност со Дејтонскиот мировен договор“, што значи дека РС ќе ги откаже или повлече сите реформи кои, како што рече, некогаш биле наметнати од Европската унија (ЕУ), некогаш од други центри.
Додик рече дека РС „го брани Уставот на Босна и Херцеговина“ и најави дека „ќе бидат разгледани сите прекршувања што се случуваат 25 години“.
Додик порача дека доколку судот му забрани политичка работа, тој ќе продолжи да се занимава со политика.
„Значи, ништо нема да биде, Милорад Додик останува таму, тој останува претседател на Републиката, дури и да забранат политичка работа, јас ќе продолжам да се занимавам со политика“, заклучи тој.
Д. Т.