Демонстрантите носејќи транспаренти на кои пишуваше „нашите шуми не се на продажба“ ги пробија безбедносните линии на разговорите за климата на COP30 во вторник вечерта во Белем, Бразил.
Новинарите на Би-Би-Си ги видоа безбедносните сили на Обединетите нации како трчаат зад ред бразилски војници, викајќи им на делегатите веднаш да го напуштат местото на одржување.
Од ООН изјавија за Би-Би-Си њуз дека инцидентот предизвикал полесни повреди кај двајца безбедносни службеници, покрај ограничената штета на местото на одржување.
Видеата на социјалните мрежи покажаа демонстранти кои изгледаа како од домородни групи, а други мавтаа со знамиња со логото на левичарското бразилско младинско движење наречено Хунтос.
Демонстрантите, некои облечени во традиционална облека на домородни лица, го нападнаа влезот на COP30, скандирајќи и удирајќи врати, пред да се судрат со безбедносните сили, покажаа видеа објавени на интернет.
Демонстрантите ги преминаа првите безбедносни бариери на местото на одржување, а потоа беа спречени да влезат понатаму, изјавија од ООН за Би-Би-Си.
Службеник од обезбедувањето рече дека бил удрен во главата од тапан фрлен од демонстрант, според новинската агенција Ројтерс.
Станува збор за многу невообичаено нарушување на безбедноста на конференција која има строги протоколи. Според ОН, бразилските власти и властите на ОН го истражуваат инцидентот.
М. Д.












