Со видна возбуда и енергија, со идеја да се покаже и докаже како лидер на голема партија, што сѐ уште не ја изгубила својата моќ, како првото излегување пред „неговиот“ народ да е и последно или во најмала рака, одлучувачко за судбината на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски покажа сѐ што научил од неговиот претходник Груевски. Протест на ВМРО-ДПМНЕ на 2 јуни 2018, пред Владата….
Проценката е дека околу 10.000 граѓанки и граѓани присуствуваа на вчерашниот протест пред Владата, автобусите и комбињата од цела Македонија пристигнаа. Поддржувачите на ДПМНЕ, некако собрани, оградени од сите страни, означени со соодветни транспаренти на „каузата“, го чекаа Мицкоски, исто како што го чекаа Груевски. Курир и сличните медиуми, познати по својата про-ДПМНЕ пропагандна активност во изминатите години, „проценија“ дека дури 50-60 илјади луѓе учествувале на протестот.
Како веќе установена пракса, потковани со истото знаење и разбирање од времето на груевизмот, немаа потреба од дополнително мотивирање и воодушевување од новиот лидер, кој не покажа ништо свое и ништо ново во агендата и намерите на ВМРО-ДПМНЕ.
Пораките се испратија онакви какви што се билдаа цела година. Таргет фигура Зоран Заев, а метата поставена во срцето на секој „вистински“ Македонец, со малку тапкање по рамо на Албанците, да не се лутат, а сите останати од народот заборавени.
Во концентрични кругови, како да со обидуваше да ја хипнотизира толпата, Мицкоски го плетеше својот лош говор, не вадејќи ги Заев, името и Уставот од уста, потпирајќи се на добрто познатиот националистички популизам. Но, едно беше највидливо и најјасно од сѐ. Во сржта на барањата на Мицкоски, всушност, лежи само една промена. Зоран Заев.
Владата не им чини, Заев е крив. Преговорите за името не им чинат, пак Заев. СДСМ не води политика како нив што им одговора, Заев. Закон за јазици, стандарди и вредности за влез во НАТО и ЕУ, пак Заев. Неостварување на сонот ДИК да ја предводи нивен човек, нормално Заев. А тоа што на ВМРО-ДПМНЕ и тоа како им се потребни предвремени парламентарни избори, пак Заев е крив.
Значи, заклучокот од протестите е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име, бара формирање техничка влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, бара ДИК со претседател од нивните редови, сака СДСМ по нивен терк, без Зоран Заев, а за Албанците – да придонесат во економијата со нивно вработување, а не двојазичност.
Со надеж дека овој пат не биле принудени со уцени, притисоци, закани и сендвичи, присутните на протестот, можеби и си заминале разочарани. Сепак, лидерот им Мицкоски не рече ништо ново и конкретно за лекот на нивната болка – името. Ама затоа за криминалите на Заев, кои треба да ги фрлат во сенка криминалите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, малку повеќе ја претераа.
И да. Пораките се упатија.
СДСМ одговори:
„Од јавна говорница денеска Христијан Мицкоски бранеше насилници под превезот на патриотизмот. Мицкоски треба да знае дека неговата партија треба да се качи на вагата на правдата. Криминалот не може да биде патриотизам колку и да викаш гласно“, и „Барањето за предвремени избори заедно со претседателските, е класичен партиски блеф на Мицкоски, кој е соочен со слабиот рејтинг и немањето поддршка од граѓаните. Не е лесно да го следиш Груевски во време кога СДСМ добива огромна поддршка на локални избори со освоени 57 градоначалници“.
А како доказ дека протестот не допре ниту со мала доза на ризичност за СДСМ, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов со фотографии по протестот, во еколошки манир, илустрирараше чистка, како воопшто да не се случил протестот.
„Го исчистивме ѓубрето. Како и секогаш…“, гласеше двосмислената порака на Шилегов на својот Фејсбук профил.
На крајот, да не остане заборавено. Протестот на ВМРО-ДПМНЕ наликуваше на нивните изборни митинзи на кој парадираа мали деца со свирчиња, знамиња и транспаренти. Мора да се стави крај на злоупотребата на деца за партиски цели.
Биљана Јордановска
Фотографии: Александрос Стаматиу