ВЕСТ НА ДЕНОТ: ДРАМАТИЧНА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА ВО СЈО
„Во однос на актуелните случувања изразуваме загриженост. Сакам да испратам апел да се почитува начелото на презумпција на невиност. Се придружуваме на повикот на јавниот обвинител, секое лице засегнато од криминалитет, ваквите активности да ги пријави, а истражните органи ваквите акти да ги истражат. Отворени сме за сорботка со колегите, тука сме да ги размениме информациите“, изјави Ленче Ристовска на денешната драматична прес конференција во СЈО, по истрагата во која, наводно, е вмешана првата специјална обвинителка во оставка, Катица Јанева.
Ристовска додаде дека се надева дека нивниот интегритет нема да биде нарушен од можните сомненија.
Обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја“, рече дека не стравува од можноста да биде инволвирана во истрагата на Обвинителството за организиран криминал. Таа изјави дека не знае дали Катица Јанева треба да стравува и дека тоа новинарите треба да ја прашаат нејзе лично. Стефанова сподели со јавноста дека, согласно законот, никој освен Катица Јанева нема право да потпишува ниту една одлука, ниту мислењата за пуштање од притвор, ниту одлука за враќање на патни исправи. „Сите одлуки ги носи и потпишува Катица Јанева, така гласи законот!“ – додаде Стефанова.
Засега, СЈО нема информација каде е Катица Јанева, а Ристовска изјави дека лично не контактирала со неа и дека во СЈО биле информирани непосредно пред нејзиното објавување.
РЕКЕТ: ДВАЈЦА ВО ПРИТВОР, ИСТРАГАТА ПРОДОЛЖУВА
Бојан Јовановски и Зоран Милевски осомничени за примање награда за противзаконито влијание, како и за перење пари, добија 30 дневен притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоците и постапката, како и поради можност од повторување на делото.
Според обвинителката за организиран криминал, Вилма Рускоска, првоосомничениот го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата. Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок.
Кај двајцата осомничени е извршен претрес, но не и кај обвинителката која Рускоска одби да ја именува. На неименуваната обвинителка ѝ е одземен само мобилниот телефон. При претресите, одземени се персонални компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички, оружје и муниција, како и поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела.
СЕЛА И АХМЕТИ ЈА ПРИФАТИЈА ПОКАНАТА НА ЗАЕВ ЗА ЛИДЕРСКА СРЕДБА, МИЦКОСКИ НЕМА ДА ПРИСУСТВУВА
По јавниот повик на премиерот Зоран Заев за лидерска средба во петок, 19 јули, со почеток во 14 часот во Клубот на пратениците, потврдни одговори за учество пристигнаа од ДУИ и од Алијанса за Албанците.
На прес конференција што ја одржа Христијан Мицкоски во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ денеска, јавно ја одби поканата за лидерска средба од премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
ОСНОВНИОТ КРИВИЧЕН СУД ДО ОЈО – „ДА СИ ПОГЛЕДНЕТЕ ВО СОПСТВЕНИОТ ДВОР!“
Од Основниот кривичен суд Скопје на Обвинителството му порачуваат, наместо редовно и неосновано да го напаѓа судот и судиите после секоја судска одлука од која не се задоволни, да си погледне во сопствениот „двор“.
Судот и судиите работат согласно законските одредби, го почитуваат начелото на еднаквост на оружјата, уставно загарантираните права и слободи и одлучуваат врз основа на доказите и аргументите, а не врз основа на лични желби на странките во постапката, се вели во писмената реакција од Основниот кривичен суд Скопје, во однос на вчерашната изјава на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ПО ПАДОТ НА ЦИПРАС И ПОДЕМОТ НА МИЦОТАКИС
Додека минатата година Република Грција и Република Северна Македонија, конечно ставија крај на тридеценискиот спор со името, една година подоцна, јавноста стравува дека со промената на власта во Грција, можна е промена на билатералните односи меѓу двете земји, кочење на интегративните процеси на Северна Македонија.
На оваа тема, што значат резултатите од грчките предвремени избори за Северна Македонија, зборувавме со претставници на власта и граѓанскиот сектор, политички аналитичари и граѓаните на Скопје и Велес.
М. Ивановска
во соработка со тимот на ЦИВИЛ Медиа